ССК со 25 предлог-мерки за економски спас

65

Се очекува Владата да ги усвои и имплементира во соодветна временска рамка економските мерки, што, според објаснувањето од Сојузот на стопански комори, се базирани на реалните потреби на стопанството, кое се соочува со голем број предизвици, од кои најголем е нарушената ликвидност

Сојузот на стопански комори на Македонија информира дека минатата недела се доставени 25 предлог-мерки за економски спас, кои очекува Владата да ги усвои и имплементира во соодветна временска рамка. Економските мерки доставени од сојузот, како што објаснија оттаму, се базирани на реалните потреби на стопанството, кое се соочува со голем број предизвици, од кои најголем е нарушената ликвидност, која многу брзо, доколку не се обезбеди итна финансиска помош, може да доведе до затворање многу правни субјекти.
Претседателката на ССК, Данела Арсовска, истакна дека предлог-мерките се скромни со оглед на состојбите во економијата и се засновани на широк процес на консултации во приватниот сектор.

– Приоритетна мерка треба да биде директна целна финансиска поддршка преку доделување грантови за помош за најпогодените сектори, за да се ублажат негативните ефекти врз економијата предизвикани од пандемијата, бидејќи има дејности што се пред пропаѓање. Неопходно е да се креираат прецизни протоколи за работа за сите дејности од Националната класификација на дејности, за да им се овозможи на сите право еднакво да функционираат во контролирани услови по квалитетно утврдени правила. Исто така, од голема важност е да се предвиди можност за одложување или репрограмирање на постојните кредити за оние претпријатија што се борат со одржување на ликвидноста за да се превенира пропаѓање или одземање на имотите од страна на банките – истакна Арсовска.
Сојузот на стопански комори на Македонија смета дека од голема важност е да се обезбеди олеснет пристап до бескаматни кредити за покривање на варијабилните трошоци, како што се оние за тековните оперативни потреби. Тие наедно апелираат на потранспарентно промовирање на кредитните линии што се достапни, да се овозможи сите на кои им се потребни да имаат пристап до овие средства, како и обезбедување национална гарантна шема за поддршка на претпријатијата при кредитирањето.

Меѓу другите мерки што се бараат е и директно и неселективно продолжување на мерката месечна финансиска помош од 14.500 денари до март 2021 година. Сојузот апелира и за одложување на сите даночни долгови за 2020 година и истите тие да се плаќаат на рати, без камата. Потребно е и итно справување со сивата економија со соодветни достапни механизми што може да се имплементираат веднаш.
Дополнително, претставниците на ССК доставија посебни финансиски мерки за секторите угостителство, туризам и транспорт.
– Важно е да не се дозволи претпријатијата од секторот транспорт да пропаднат во време на криза, затоа што основните транспортни услуги нема да бидат лесно достапни кога ќе почне периодот на економското закрепнување. Сојузот на стопански комори како највисока форма на организирање на национално ниво е најголемата и најмногубројна деловна мрежа, која застапува над 35 стопански комори и организации – се наведува во соопштението на оваа комора.