ССК бара навремена и сигурна достава на поштенските пратки

854
Фото: Игор Бансколиев

Потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките

Имплементација на светските трендови во поштенските услуги, дигитализација, развој на нови производи и услуги како и навремена и сигурна достава на пратките се дел од алатките за зголемување на конкурентноста на компаниите што работат во секторот поштенски услуги. Ова беше посочено на вчерашната прес-конференција одржана во Сојузот на стопански комори на Македонија.

Според последните податоци на Агенцијата за пошти за 2016 година, најмногу поплаки од граѓаните има за ненавремената достава на пратки. Од поднесените рекламации 52,6 отсто се жалеле на пречекорување на рокот за достава. Притоа, најмногу поплаки во 2016 година имало за времето на достава на пратките од страна на „Македонска пошта“. Најголем проблем граѓаните имале со доставата на препорачани писма, услуга што е значително поскапа од испраќање обично писмо. Според извештајот на Агенцијата за пошти, од вкупниот број рекламации, дури 90 отсто се однесувале на препорачани писма. Односно, 4.475 рекламации биле за доставата преку „Македонска пошта“, додека 322 за другите даватели на поштенски услуги во земјава.
Според претставниците на Сојузот на стопански комори на Македонија, една од причините за помал интерес за користењето на овие услуги е и недоволниот квалитет на обезбедување на поштенските пратки.

– За да се намалат поплаките од крајните корисници, потребна е имплементација на нови трендови за брзина и сигурност на поштенските текови како прв чекор за навремена достава на пратките. Примената на иновации и нови практики во секторот поштенски услуги е од големо значење за развој на компаниите од оваа област. Во Македонија ретки се компаниите во секторот поштенски услуги, кои за да бидат во чекор со светските трендови имплементирале андроид за следење во живо на статусите за доставување пратки. Или, пак, имплементација на автоматско поврзување на Веб шоп софтвер со софтвер на пошта. За клиентите најбитна е навремена и сигурна достава на пратки и токму кон тоа треба да се стремат операторите – кажа Александар Милошевски од Сојузот на стопански комори на Македонија.

Тој додаде дека иновативноста, организираниот пристап и прецизноста како и примена на премиум и еко-поштенски услуги се само дел од новитети за квалитетна достава на пратките. Според него, за еден субјект да се одвои од конкуренцијата значајна е понудата на услуги што ќе бидат посебно приспособени кон клиентите, почнувајќи од флексибилни можности за испорака на документи и пратки, до опција за маркетинг на производи како автомобили или електроника до одбрани потрошувачи како и новините што се имплементираат во светот.

– Поштата има свој удел во десетина клучни индустриски гранки, во малопродажбата, банкарството, логистиката, маркетингот. Тренд во европските земји е на поштенските услуги да се гледа како на алатка што ќе им овозможи на компаниите, пред сѐ на малите и на средните што нудат квалитетни производи, а не се доволно познати, да допрат до крајните потрошувачи во разните делови на земјата преку директно рекламирање или преку испорака на производите. Таквиот начин на стимулирање на МСП преку директна соработка со поштенските услуги значи поддршка за нивен развој како важна алка во развојот на севкупната економија – изјави Милошевски.
Во Република Македонија, според податоците на Агенцијата за пошти регистрирани се вкупно 33 даватели на услуги. За ненавремена достава на пратки, законските прописи предвидуваат глоба од 3.500 до 5.000 евра за поштенскиот оператор. 


Ќе се либерализира ли пазарот?

Либерализацијата на поштенскиот пазар не треба да се одложува и треба да почне на почетокот на следната година, сметаат приватните поштенски оператори од Сојузот на стопански комори (ССК). Со неа ќе се укине монополот на „Македонска пошта“ за пратките до 50 грама и ќе се обезбедат побрзи и поквалитетни поштенски услуги.
До 31 декември годинава поштенскиот пазар е ограничен, односно само „Македонска пошта“ е надлежна за поштенската услуга во резервираната област за пратки со тежина до 50 грама. Тука спаѓаат писма, честитки, комунални сметки, и се проценува дека станува збор за работа со над милион пратки.
– Што поголема либерализација и можност за учество на поголем број компании на слободен пазар дава можност за обезбедување подобри и поквалитетни услуги за сите клиенти корисници на поштенските услуги – рече Александар Милошевски, потпретседател на ССК.