Србија го заврши автопатот кон Македонија

1141

Јужниот крак од автопатот на Коридорот 10 од Србија кон Македонија и Грција е целосно завршен и во зависност од временските услови, во следните десет дена, ќе биде официјално отворен за сообраќај.

Српската министерка за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, истакна дека Грделичката Клисура е целосно совладана и дека Србија преку Коридорот 10 ќе биде целосно поврзана со 600 километри долг автопат од границата на нашата држава до границата со Унгарија.

– За автопатот на Коридорот 10 се чекаше најмалку 30 години и тој сега е завршен. Во прашање беше најтешкото градилиште во Европа, на делница од 26,3 километри. Имаме 33 моста, меѓу кои и највисокиот мост „Врла“ и два најдолги тунела Предејане и Манајле. Голема работа е направена, го поместивме магистралниот пат, отстранивме 600 илјади кубни метри камен, зад нас се многу тешки интервенции и огромна работа – изјави Михајловиќ.

Патувањето низ Коридорот 10, во кој спаѓа и македонскиот дел од автопатот, ќе биде многу олеснет за сите што патуваат во овој дел од Европа.
Изградбата на делницата низ Грделичката Клисура се смета за градежно ремек-дело, за што беа потребни неколку години поради исклучително тешката конфигурација на теренот.
Е.Р.