Со швајцарски пари до порамномерен регионален развој

146

Со грантови во вкупна вредност од 1,2 милион швајцарски франци секој од осумте плански региони во државава ќе спроведе по два проекта со кои треба да се постигне порамномерен регионален развој. Тие се однесуваат на областите животна средина, социјална инклузија, бизнис-инфраструктура и туризам. Се избираат и се финансираат во рамките на грантовите шеми преку заедничкиот проект за одржлив и инклузивен рамномерен развој, што Владата го спроведува со поддршка на швајцарската амбасада и Швајцарската агенција за развој и соработка.

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за локална самоуправа, Сухејл Фазлиу, на презентацијата на проектите порачаа дека рамномерниот развој е столб на владиниот концепт за градење „Едно општество за сите“. Најважно е, како што оценија, да се реализираат проекти со директно влијание врз животот на граѓаните.

Во секој од планските региони се поддржува реализација на еден проект што го избраа граѓаните, а за што се обезбедени 850 илјади швајцарски франци. Приоритетниот проект во североисточниот регион добива 145 илјади швајцарски франци, а во скопскиот 60 илјади. Вкупниот фонд за шемата за поддршка на иновативни проекти за годинава изнесува 311.840 швајцарски франци, од кои секој од планските региони добива по 38.980.

Активностите, како што рече вицепремиерот Анѓушев, ќе бидат спроведени заклучно со 2020 година.
– Ќе има преглед како се трошат буџетските средства во сите осум плански региони, каде што најмногу е развиен скопскиот, а најмалку североисточниот. Овие региони треба да бидат обратнопропорционално финансирани, најмалку развиениот да има најдобро финансирање, а најразвиениот најмало. Прво и основно е средствата од буџетот да бидат така распределени. Тие се распределени преку повеќе програми и не се само преку Министерството за локална самоуправа каде што годинава издвоиме 412 милиони денари, за 35 проценти повеќе во однос на минатите години – изјави Анѓушев.

Тој дополни дека за рамномерен регионален развој се издвојуваат средства и во другите министерства и оти низ цела држава се прават училишта преку Министерството за образование, се реконструираат болници преку Министерството за здравство, градинки и домови за стари лица преку Министерство за труд и социјална политика, водоводи и канализации преку Министерството за транспорт и врски…
Заменик-амбасадорот на Швајцарија, Стефан Томаџан, порача дека за ефекти во намалувањето на разликите во развојот на регионите се потребни политичка волја и носење децентрализирани одлуки со вклучување на сите чинители.

– За да се има ефективен регионален развој потребни се политичка волја и зрелост, да се борите не само за сопствените интереси и да ги споделувате ограничените политички ресурси за доброто на граѓаните и земјата. Ова е процес на учење што со нетрпение очекуваме да го следиме со институциите и со носителите на одлуки во следните години. Ефективното користење на овие фондови е од исклучително значење за швајцарските даночни обврзници, кои ги финансираат овие проекти исто како и за македонските – рече Томаџан.

Според Фазлиу, при реализацијата на проектите се почитуваат правилниците и договорите креирани со швајцарската амбасада, а парите се трошат транспарентно и во секоја фаза на евалуација има претставници од амбасадата.
Фазлиу информира дека со финансиска поддршка од Програмата за рамномерен регионален развој на министерството моментно во осумте плански региони се реализираат 43 проекти, од кои 38 инфраструктурни и пет за подготовка на техничка документација. До крајот на годината ќе се реализираат и проектите за развој на селата и на подрачјата за специфични развојни потреби во вкупна вредност од околу седум милиони евра.
Е.Р.