Со квалитетни производи до нови пазари

270
Фото: Дарко Андоновски

Најголем капацитет за освојување нови пазари имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната, текстилната и индустријата за мебел

Помалку од пет отсто од домашните микро, мали и средни претпријатија реализираат извоз на регионалните пазари, а само три проценти од нив се присутни на некој од пазарите во Европската Унија, бидејќи сѐ уште се кадровски, финансиски и технички ограничени. Ова вчера го кажаа претставниците од Стопанската комора на Македонија, истакнувајќи дека учеството на извозот во БДП треба да се зголеми од 50 на 75 проценти, за што е неопходно значително подобрување на трговскиот сектор.

Најголем капацитет за освојување нови пазари или интензивирање на постојниот извоз имаат компаниите од прехранбениот сектор, фармацевтската, хемиската, дрвната, металната, текстилната и индустријата за мебел.

– За да имаме извоз, најпрво треба да креираме производ што ќе биде соодветно дизајниран, конкурентен и квалитетен, во согласност со стандардите на земјата во која се извезува. Тука треба да поработиме малку повеќе. Светскиот пазар е преплавен од производи, но успеваат само тие што се наметнуваат со квалитет и конкурентна цена – истакна претседателот на Клубот на извозници при комората, Глигор Цветанов.

Негова оцена е дека домашните фирми инвестираат во пораст, но не со исто темпо како странските инвеститори.

– Странските инвеститори доаѓаат со веќе готов пазар, а македонските треба да се борат за пазарот, и тоа е голема разлика. Странските и македонските компании треба да соработуваат, странските да им помогнат преку нивните производи дел од извозот да оди на тој пазар – рече Цветанов.

Татјана Штерјова од комората дополни дека за успешен пласман надвор е неопходно исполнување цел сет барања, како пакувања, означувања, стандардизација. Фирмите треба да располагаат и со информации за потребите на пазарите и за дистрибутивните канали.

– Изминатите години континуиран е статусот на компании што извезуваат. Прашањата не ги лоцираме во дневнополитичките настани, туку во подлабоки, долгорочни фактори што влијаат врз овој сегмент – истакна Штерјова.

Слична како во Македонија е ситуацијата и кај другите земји од Западен Балкан, со исклучок на оние што веќе се членки на ЕУ.

Од вкупниот број регистрирани правни лица во државава, само околу пет отсто или 3.500 компании се извозно ориентирани. Вкупно 81 процент се во категоријата микро и мали компании, 15,8 отсто се средни, а само 3,2 се големи компании. Иако микро и малите компании се најмногубројни извозници, големите компании се моторот што креира дури 80 отсто од вкупниот извоз на стоки во државата.

Лани Македонија остварила над пет милијарди евра извоз, што е најголем пораст во изминатите 10 години.

Според официјалните статистички податоци за трговската размена, 81,1 отсто од извезените производи завршуваат на пазарите во земјите-членки на Европската Унија, а трговската размена со земјите од регионот на ЦЕФТА изнесува 10-12 процента. Најголем трговски партнер е Германија, со која Македонија бележи суфицит во размената. Значајни трговски партнери на земјата се и Бугарија, Србија, Грција, Италија, Романија, Шпанија, Турција и Велика Британија. Е.Р.