Со дигитализацијата кариерните можности станаа достапни преку неколку клика

161

Начинот на барање работа, како и потрагата по квалитетен кадар секојдневно се менуваат, при што сѐ поизразено е користењето на онлајн платформите

Почетокот на годината вообичаено се смета за погоден период за барање работа или за промена на работното место. Но вообичаените совети за „украсување“ на кратката биографија можеби, дефинитивно, веќе не се доволни поради промената на околностите предизвикана од пандемијата на коронавирусот. Целокупниот бизнис-сектор беше принуден да се преструктурира и да ги приспособи работните задачи, а брзата трансформација беше изразена и преку дигитализацијата. Начинот на барање работа, како и потрагата по квалитетен кадар исто така секојдневно се менуваат, при што сѐ поизразено е користењето на онлајн платформите.
– Во ера на дигитална трансформација, кандидатите своите кариерни можности и потрагата по нова работа ја започнуваат преку онлајн платформите. Преку нив, работодавците и барателите на работа поедноставно се поврзуваат меѓу себе – објаснува Петар Лазовски од Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ.
Освен тоа, промени има и во работниот амбиент, откако голем број бизниси почнаа да се потпираат на технологијата за комуникација, усвојувајќи ја практиката на работење од дома, по откритието дека таа не само што е изводлива туку во одредени случаи дава и подобри резултати. Технолошките гиганти „Фејсбук“, „Твитер“ и „Гугл“ ќе го практикуваат моделот за работа од дома барем до летото, а сѐ поголем број компании го следат нивниот пример.

Неодамнешно истражување пренесено од „Фајненшл тајмс“ покажало дека 72 отсто од испитаниците од 10 различни држави што извршуваат канцелариска работа, би сакале да продолжат да работат од дома и по завршувањето на пандемијата, барем два дена во неделата. Работењето од дома има предности, но и недостатоци. Вработените ги смалуваат трошоците, на пример, за храна и за превоз, и не се изложени на ризик од коронавирусот. Од друга страна, тие можат да се соочат со недостиг од мотивација, што може да произлезе и од отсуството на соодветен простор за работа во домот.
– Компаниите отежнато го спроведуваат процесот на работа преку различни начини на организација. ИКТ-компаниите ја имаат можноста да работат од дома, но тоа мора да биде инкорпорирано и во Законот за работни односи, со намера да им се даде можност на работодавецот и работникот да го регулираат работниот процес на начин на кој двете страни се согласни. Доколку се стремиме да бидеме дел од западниот систем на функционирање, од особена важност е спроведување на ваква правна рамка, поради тоа што голем дел од западните држави подолго време го спроведуваат овој начин на регулирање и извршување на работните задачи од дома – посочува Лазовски.
Се менуваат барањата на компаниите, но и на работната сила. Затоа, флексибилноста на работното место е клучнa како за вработените така и за компаниите што се стремат да привлечат и да задржат работници.

Никој не може точно да каже како ќе изгледа економијата по пандемијата, па честопати се поставува прашањето кои работни места ќе бидат барани откако ќе помине кризата. Во иднина се очекува да напредуваат сајбер-безбедноста, технологијата со дронови, медицинскиот сектор и компаниите за достава.
– За време на пандемија, дефинитивно најбарана професија би била од медицински аспект, но ИКТ-секторот има вработено над 15.000 висококвалитетни кадри, за кои просечната месечна нето-плата изнесува двојно повеќе од просечната плата во државата. Како најперспективна гранка во нашето општество, секако и во светот, базирано на континуитетот и капацитетот на работата, го зголеми обемот на вработувања на софтверски инженери, експерти за информатичка безбедност, a во оваа група исто така може да се напоменат и лицата познавачи на програмските јазици – вели Лазовски.
Среде пандемијата се покажува дека технологијата е од голема помош при почнувањето кариера и барањето на работа, дека успешно ги поврзува кадрите со компаниите, а истовремено го штити и нивното здравје. Кариерните можности се достапни на неколку клика, поради што оваа година би можела да донесе нови работни предизвици и поголема исполнетост на професионален план.

[email protected]