Со воз до аеродромот „Скопје“

679

Околу 104 активности ќе се реализираат во транспортната мрежа во Македонија до 2030 година. За реализација на овие проекти предвидено е да се потрошат околу 4,2 милијарди евра од кои најголем дел ќе се обезбеди преку кредити и ИПА-средства.
Ова е предвидено во Националната транспортна стратегија што ја донесе Владата по предлог од Министерството за транспорт и врски, а која вчера ја презентира министерот за транспорт Горан Сугарески.

Меѓу покрупните проекти предвидени со стратегијата во делот на патната инфраструктура се довршување на автопатот од Кичево до Охрид, изградба на автопатот од Скопје до Блаце, изградба на автопат од Гостивар до Кичево, како и изградба на автопатна делница од Крива Паланка до граничниот премин Деве Баир и од Струмица до границата со Бугарија.

Во делот на железницата, покрај изградбата на пругата од Куманово до бугарската граница, планирани се и изградба на заеднички железнички граничен премин на Табановце и воведување железничка линија до аеродромот во Скопје.
Идејата за воведување воз од Скопје до скопскиот аеродром, како што посочуваат од Министерството за транспорт и врски, не е нова, но за нејзината реализација се чекало да се зголеми бројот на превезени патници на скопскиот аеродром.

– За исплатливоста на пругата од скопска железничка станица до аеродромот беше потребно авионскиот превоз да привлече до два милиони патника бидејќи кога се правеа анализите, тие покажаа дека кога ќе се постигне ова, тогаш ќе биде исплатлива оваа инвестицијата – истакна Билјана Здравева, раководителка на секторот железници.
Во моментот не се знае колку ќе чини овој проект, со кој е планирано да се одвои крак кај Миладиновци за аеродромот. Она што првично следува е да се комплетира документацијата.

Сугарески очекува повеќето од проектите во патниот сообраќај да бидат завршени до 2020-2021 година, а во делот на железницата планирано е до 2025 година да заврши комплетно изградбата на пругата кон Бугарија.