Социјалната пензија ќе ја поттикне сивата економија

332

Во однос на поттикнувањето на неформалната економија, експертите велат дека тука веќе има простор за злоупотреба на социјалното право, со што би се поттикнале луѓето за двоен статус, „социјално да се пензионираат“, а да работат на црно на пазарот

Голем е интересот на граѓаните за остварување на правото на социјална пензија во висина од околу 6.000 денари и тие веќе се обраќаат до центрите за социјални работи низ државата за да се информираат какви документи им се потребни за да можат да го остварат ова право. Надлежните од Центарот за социјални работи велат дека во текот на овој месец се очекува граѓаните да ја комплетираат потребната документација и да достават барања и тогаш ќе треба да се знае бројката на граѓани што ќе можат да го остварат ова право, иако првично беше предвидено дека бројката би можела да се движи околу 6.000.

Според одредбите на законот, право на надоместок имаат сите лица што се државјани на Македонија најмалку 15 години и не примаат старосна пензија, вклучувајќи ги и лицата без ден работен стаж. Експертите и пратениците неодамна наидоа на меѓусебно недоразбирање за оваа мерка, алармирајќи да се внимава за да не се случи мерката да има негативен ефект и луѓето да се повлекуваат од пазарот на трудот и да чекаат социјална пензија, а наедно да се зголеми и сивата економија. Според претседателот на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, правото на социјална сигурност на старите лица или т.н. социјални пензии е типична социјалдемократска мерка.

– Мерката не може да има негативен ефект на пазарот на трудот затоа што станува збор за лица со навршени 65 години старост и повеќето од нив не се во состојба да работат. Секако, дека треба да се направат услови секое лице што исполнило право за старосна или социјална пензија да може да се вклучи на пазарот на трудот без да го губи правото на стекнатата пензија. Со ова ќе им се овозможи на овие лица да го дополнат скромниот домашен буџет, но и да ѝ помогнат на економијата на која ѝ недостигаат работници – смета Димитров.

Тој зборува и за ефектот врз сивата економија.
– Секогаш кога зборуваме за сивата економија треба да помислиме на политиката. Не можеме да ја намалиме сивата економија само со репресивни мерки, туку е потребно да предвидиме и одредени олеснувања, кои по правило даваат поголеми ефекти. Сепак, на крајот, месечниот надомест од 6.000 денари не е доволен за водење нормален живот, туку само за одржување на егзистенцијата на овие луѓе. Затоа, можноста тие дополнително нешто да работат е добра и за нив и за економијата на земјата – објаснува Димитров.

Тој смета дека слично треба да се постапи и со корисниците на старосната пензија, оние што сакаат дополнително да работат, а веќе оствариле право на старосна пензија, не треба да се плашат дека ако нешто работат дополнително ќе ја изгубат пензијата.

– Дополнителната работа нема да влијае на веќе утврдената висина на пензијата, која ќе остане иста, а ќе се плаќа само данок на личен доход – вели Димитров.
Во однос на категоријата за социјална пензија, професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, нагласува дека не би требало да има негативен ефект врз пазарот на трудот по основа на самотрансфер на активно вработени во социјална категорија поради оваа мерка.

– Тие што би го направиле тоа и така не се воопшто продуктивни ниту, пак, незаменливи профили. Напротив мислам дека би се исчистиле од пазарот на трудот од категоријата „вработени без продуктивен ефект“ со што би се ослободил простор за попродуктивно вработување и на млади, кои и така се најрепрезентативна група невработени во структурата на невработени – појаснува Беџети.
Во однос на поттикнувањето на неформалната економија, тој вели дека тука веќе има простор за злоупотреба на социјалното право, со што би се поттикнале луѓето за двоен статус, „социјално да се пензионираат“, а да работат на црно на пазарот.
– Но оваа мерка сепак лесно се контролира, ако функционираат институциите. Доволно е одлучна акција на пазарот и неселективен пристап при контролата, со евентуално губење на сите социјални права ако се злоупотребува мерката, со што би се испратила порака и до другите да не се охрабруваат на ваква евазија – нагласува Беџети.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ велат дека е можно да постои судир меѓу земјоделската и социјалната пензија. Со оглед дека износите на земјоделските пензии се блиски до износот на социјална пензија, социјалната пензија може да ги обесхрабри земјоделците да вршат самопријавување и уплати на социјални придонеси што се неопходни за да го стекнат правото на земјоделска пензија.

– Износот е многу близок до најниската пензија, а особено до најниската земјоделска пензија, поради што тоа може да влијае демотивирачки кај овие лица што самоиницијативно уплатуваат придонеси и да креира дисторзии во системот. Во тој контекст, посебно треба да се осигури дека земјоделците нема намерно да се ослободуваат од земјоделски имот непосредно пред навршувањето 65 години, за да се стекнат со социјална пензија, доколку одлучиле да не се осигурат како земјоделци – додаваат надлежните од институтот.

[email protected]