Социјалната пензија, сепак, е само социјална категорија

425
Tерминот „пензија“ создава конфузија кај граѓаните Фото: Маја Јаневска-Илиева

Мислењата и тврдењата дека социјалната пензија ќе ја намали релативната сиромаштија се избрзани и паушални, од едноставна причина што износот од 6.000 денари што му е доделен на лице што е без приходи нема да го издигне тоа лице над линијата на сиромаштијата, велат експертите

Повозрасните граѓани со навршени 65 години што не ги исполнуваат условите за пензионирање ќе земаат социјална пензија. Владата крои стратегија со која и оние што немаат минимум 15 години стаж ќе добијат финансиски надомест, но само доколку немаат други приходи. Социјалната пензија би изнесувала 40 отсто од просечната, или околу 6.000 денари, според сегашните пресметки. Но прашањето е дали имплементацијата на владината мерка сепак ќе значи и дополнително оптоварување на државниот буџет и дали ќе влијае дестимулирачки. Без разлика на бројот на корисниците на старосната пензија, парите од некаде ќе треба да се обезбедат. Дали тоа ќе биде од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување или, пак, од државниот буџет, допрва ќе се утврдува. Експертите и пратениците наидоа на меѓусебно недоразбирање за оваа мерка, алармирајќи да се внимава за да не се случи мерката да има негативен ефект и луѓето да се повлекуваат од пазарот на труд и да чекаат социјална пензија, а наедно да се зголеми и сивата економија.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ им препорачуваат на Владата и на Министерството за труд и социјална политика да ја преоценат целта на оваа мерка.

– Доколку целта е да се намали сиромаштијата, условот за примање на социјалната пензија според кој брачниот или вонбрачниот партнер не треба да има никакви приходи, треба да се олабави. Исто така, потенцијалниот судир на интереси на социјалната со земјоделската пензија треба посебно да се земе предвид – сметаат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека Македонија има сеопфатен систем за социјална заштита составен од надоместоци базирани на придонеси, како што се пензиското и инвалидското осигурување, пасивни и активни програми за пазарот на труд и програми за социјална помош за заштита на доходот и за потрошувачката на сиромашните. Според нив, иако се користи терминот „пензија“, всушност станува збор за социјална мерка што спаѓа во системот на социјална помош, а не во пензискиот систем.

– Сепак, терминот „пензија“ создава конфузија кај граѓаните и се изедначува со постојаните пензии, кои се стекнуваат со уплата на придонеси. Износот што ќе го добива лицето што ќе се стекне со ова право е 6.000 денари месечно, плус дополнителни 500 денари за покривање трошоци за енергија во текот на шест месеци од годината. Сепак, за едно лице да го оствари ова право треба да нема доход по која било основа – додаваат од „Фајненс тинк“.

Надлежните од институтот велат дека поставената цел на програмата е да ја намали сиромаштијата на старите лица, која во 2017 година, според Државниот завод за статистика, изнесуваше 16,1 отсто.

– Социјалната пензија е социјален трансфер, а не пензија во вистинска смисла на зборот. Таа се додава во линијата „пазарен доход, пензии и социјални трансфери“, па нејзиниот ефект може да се очекува од таа линија да оди надолу. Забележуваме дека социјалната пензија не врши никаков ефект врз вкупната релативна сиромаштија, односно таа останува иста. Социјалната пензија има минимален ефект само врз искоренувањето на апсолутната сиромаштија, кај домаќинствата што живеат со помалку од 1,9 долар на ден, според паритетот на куповната моќ – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

Тие споменуваат дека ефектот на социјалната пензија врз апсолутната сиромаштија на сите домаќинства изнесува 0,2 процентни поени, додека кај популацијата над 65 години настанува целосно елиминирање на апсолутната сиромаштија кај овие лица, од ниво на 0,4 отсто пред социјалната пензија на 0 отсто по неа.

– Сепак мислењата и тврдењата дека социјалната пензија ќе ја намали релативната сиромаштија се избрзани и паушални. Овој резултат се појавува од едноставна причина што износот од 6.000 денари што му е доделен на лице што е без приходи нема да го издигне тоа лице над линијата на сиромаштијата – истакнуваат од институтот.

Според нив, доколку целта е да се намали релативната сиромаштија, Владата треба да размисли за мало олабавување на овој критериум.

– Би требало Владата да допушти еден или двата од следните критериуми, брачниот или вонбрачниот партнер да има примања по основа на пензија или други примања, но во таков случај социјалната пензија да се определи во висина според која вкупниот доход во семејството нема да надминува 10.600 денари. Со ова ќе се овозможи лицето да прима социјална пензија и во случаи кога партнерот остварува минимална старосна, инвалидска или земјоделска пензија, како и во ситуации кога е стекнато некое друго право од социјална помош – напоменуваат од „Фајненс тинк“.

Исто така, оттаму нагласуваат дека е пожелно Владата да изврши посебна анализа за „судирот“ на земјоделската и социјалната пензија. Со оглед дека износите на земјоделските пензии се блиски до износот на предложената социјална пензија, социјалната пензија може да обесхрабри земјоделци да вршат самопријавување и уплати на социјални придонеси што се неопходни за да го стекнат правото на земјоделска пензија.

– Износот е многу близок до најниската пензија, а особено до најниската земјоделска пензија, поради што може да влијае демотивирачки кај овие лица што самоиницијативно уплатуваат придонеси и да креира дисторзии во системот. Во тој контекст, посебно треба да се осигури дека земјоделците нема намерно да се ослободуваат од земјоделски имот непосредно пред навршувањето 65 години, за да се стекнат со социјална пензија, доколку одлучиле да не се осигурат како земјоделец – додаваат надлежните од институтот.

И професорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети, смета дека социјалните пензии како нова категорија во програмите на социјална заштита по нивната природа на висина во наши економски состојби нема да ја подобрат релативната сиромаштија, но секако ќе ја подобрат состојбата со апсолутната сиромаштија. Релативната сиромаштија, споменува тој, може да се ублажи само со вработување, и тоа со подобрување на просечните плати врз основа на зголемена продуктивност.

– Сите социјални мерки во нашата досегашна практика, по обемот и висината на надоместоците, остануваат докрај социјални и не успеваат да ги истиснуваат корисниците од социјално загрозените слоеви, што не е практика во западноевропските земји, каде што тие мерки се привремени и комбинирани со тренинг дополнителни мерки и приспособување за работа, при што расте како индивидуалната така и социјалната корист во целина. Затоа треба да се коригира и целосниот концепт на социјалните мерки – смета Беџети.

Според него, потребно е да се креираат мотивирачки инструменти и да се поттикнуваат корисниците на зголемување на работната способност, а не да се поттикнуваат за да се задржи тој социјален статус.

– Вака како што е дизајнирана оваа мерка, веројатно ќе ги натера корисниците на пензија да остануваат социјална категорија, статус со кој би продолжиле и во текот на пензионирањето – нагласува Беџети.

[email protected]