Сорос од Давос: Не смее да дозволиме доминација на кинеските компании

604

Џорџ Сорос од Светскиот економски форум од Давос го посочи кинескиот претседател Кси Џипинг како „најопасен непријател“ на отворените општества и препорача итни мерки за кинеските технолошки компании, јавува Си-ен-ен.

Милијардерот вчера изјави дека вештачката интелигенција и најновите технологии на машинско учење претставуваат голема закана кога се контролирани од страна на авторитарни држави. Сорос користењето на овие технологии од страна на кинеската Влада го посочи како „смртна опасност“.

Во провокативниот говор пред новинарите на Светскиот економски форум, Сорос предупреди дека кинеската влада развива и специјален систем преку кој ќе секојдневно ќе ги надгледува луѓето кои живеат во државата. Тој побара од САД агресивно да се спротистават на оваа практика.

– Наместо да влегува во трговска војна со целиот свет, САД треба да се фокусира на Кина – рече Сорос.

Милијардерот со унгарско потекло и спонзор на „Фондацијата отворено општество“ исто така смета дека САД мора да ги притисне кинеските гиганти „Хуавеи“ и „ЗТЕ“, кои се посочени како закана на националната безбедност на Соединетите Држави од некои официјални лица.

– Наместо да им се дозволи на „ЗТЕ“ и „Хуавеи“ лесно да се извлечат, САД треба да се бори против нив. Ако им се дозволи на овие компании да доминираат на „5Г“ пазарот, тие ќе бидат закана за безбедноста не само на САД, туку на целиот свет – потенцираше Сорос.

Двете претходно споменати компании произведуваат телекомуникациска опрема и паметни телефони, и двете компании директно се вклучени во трговската војна меѓу Кина и САД. Компаниите, по овие изјави, негираа дека тие и нивната работа се закана за безбедноста.

Минатата година Сорос од Давос говореше за заканата од големите компании како Гугл и Фејсбук, тврдејќи дека монополите кои тие ги држат стануваат сè помоќни и помоќни.