Соработката меѓу странските и домашните компании од зaедничка полза

102
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Слабата технолошка развиеност, немањето стандардизација и сертификација, јазови во цената и производството, ограничен капацитет на производство, меките вештини и човечкиот капитал се главните причини за малата соработка на домашните компании со странските. Надминувањето на јазовите меѓу мултинационалните компании и домашните мали и средни претпријатија во земјава се услов за да се зголеми конкурентноста на домашниот бизнис. Нашите компании имаат квалитетни производи и целат кон соработка со странските, но за таа да се оствари мора да се сертифицирани.

Од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ сметаат дека доколку странските инвеститори ги адаптираат своите политики на набавки, односно одлуките за набавка на суровини и инпути ги пренесат, до одреден степен, на локално ниво, во тој случај домашните компании би биле повеќе поттикнати да пристапат и да воспостават соработка.

– Зголемена финансиска поддршка за домашните компании е клучна, па така тие би се поттикнале на соработка ако имаат олеснет пристап до субвенции и инвестициски грантови за зголемување на нивото на сертификација и зголемување на своите капацитети. Значајна би била и директната поддршка од страна на странските компании, па така тие би ги поттикнале домашните производители да инвестираат со тоа што ќе гарантираат понатамошно снабдување, односно соработка и долгорочни договори – појаснуваат од „Фајненс тинк“.

Оттаму велат дека можноста за соработка и задоволување на потребата за набавки кај одредени сектори и производи во голема мера е определена од веројатноста странските компании да ги најдат потребните производи и набавувачи локално.
– Во исто време, пристапот до информации за домашни набавувачи е многу тежок. Недостасува единствена база на податоци за потенцијалните домашни снабдувачи, но недостасува и единствена база на податоци за сите странски инвеститори во земјата.

Исто така, домашните компании имаат многубројни недостатоци кои влијаат на целокупната соработка, како што се недоволниот технолошки развој и подготвеноста на домашните мали и средни претпријатија – истакнуваат од институтот.

Соработката е многу важна за економскиот раст, споменуваат од „Фајненс тинк“, дотолку повеќе што самите странски инвестиции имаат позитивен ефект врз економскиот раст на државата. Тие придонесуваат за диверзификацијата на извозот, ја зајакнуваат индустриската база и поттикнуваат вработувања.

– Дополнително важно за економскиот раст е што преку создавање врски меѓу мултинационалните компании и домашните компании се создаваат трансфери на технологија и вештини, како и подобрувања во продуктивноста и конкурентноста во целокупната економија – додаваат надлежните од „Фајненс тинк“.

Тие велат дека за да се развијат домашните компании, потребна е стратегија за поттикнување на спојувања и преземања меѓу домашните компании, со цел да се зајакнат домашните претпријатија.

– Таквата стратегија ќе придонесе за создавање компании со поголем капацитет кои можат да ја задоволат побарувачката на странските компании. Потоа, потребни се низа мерки за домашните компании, кои вклучуваат: даночни олеснувања, државно земјиште и грантови со отплата без каматна стапка за нови инвестиции и зголемено производство на суровини и инпути – нагласуваат од „Фајненс тинк“.

Според нив, потребна е стратегија за субвенционирање на домашните бизниси преку покривање на 50 отсто од трошокот за воведување стандарди и сертификати и преку покривање 100 отсто од трошоците за обуки на персоналот, кој ќе ги спроведува стандардите и сертификатите во рамките на компаниите, како и грантови за сите воведени стандарди, што ќе ја зголемат соработката, кои ќе се отплатат врз основа на успешноста во стекнување нови клиенти – странски компании.

Според Абдулменаф Беџети, професор на Универзитетот за Југоисточна Европа, малата соработка покажува несоодветно ниво на домашните компании за да ги снабдуваат и конкурентски да им се спротивставуваат на нивните потреби и да ја супституира нивната надворешна побарувачка.
– Имено, во тој дел, доносителите на економските политики немаат голем простор, освен со некои фискални мерки да ги субвенционираат домашните компании ако не се ценовно конкурентни, а по однос на конкуренцијата по квалитет, мерките би биле долгорочни, како на пример техничко-технолошки, кадровски профили (образование), како и поддршка за домашните компании на сертифицирање на квалитетот со ИСО – смета Беџети.

Тој додава дека соработката со мултинационалните компании е многу битна и дека тоа треба да биде единствената логика на поддршка на странските инвеститори, сѐ друго создава само краткорочни ефекти.

– Многу е важно да привлекуваме странски индустриски капацитети, но не по основа на бруто-ефекти, туку исклучиво по основа на домашна нова вредност. А тоа бара структурални промени во економијата – вели Беџети.

Како што вели тој, одржливиот развој на домашните компании треба да се креира само преку квалитетно образование, кое ќе создава потребни индустриски и технички профили.

– Системот на финансирање на образованието треба да се промени од корен, треба да се дизајнира систем кој ќе биде посветен на овие цели, а тоа бара најмалку 10-годишен период на ефекти – истакна Беџети.

Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Македонија, нагласи дека странските инвестиции овозможија напредок во македонската економија, а бенефициите од нив веќе се чувствуваат во економијата.

– Работењето на компаниите со странски инвестиции во последните години влијаеше на диверзификација на нашиот извоз, како во поглед на производите и дестинациите, така и во поглед на зголемената технолошка интензивност – појаснува Азески.

Тој додава дека е потребно да им се помогне на успешните компании да станат поуспешни, а тоа би вклучувало промена на целиот економски модел, така што ќе се создадат еднакви услови за игра.

katerina. [email protected]