Сопствениците на локали без отворени тераси пред голема дилема

166

Наспроти првичната радост за отворањето на рестораните и кафетериите, сопствениците на локалите во Кичево се пред дилема, бидејќи не можат да ги исполнат критериумите што се бараат од нив. Имено, повеќето локали во градот немаат отворени тераси, а тоа ја отежнува работата, поточно поради овој проблем не можат да се вклопат во препораките на Владата.

– Можеби со олеснување ја примивме веста за рестарт на нашите локали, сепак не можам да бидам задоволен од она што се бара за да се задоволат критериумите што од нас се бараат во идниот период. Бидејќи ќе можат да работат само отворените тераси, во мојот локал не постои отворена тераса, затоа масите и столовите ќе треба да ги ставам на улица. Бидејќи локалот го имам под закуп, не знам дали воопшто ќе можам да помислам за работа под вакви услови, кога во мојот локал нема да можат да седнат гости и единствено ќе бидат услужени само оние лица што ќе сакаат од нога да се напијат кафе или друг пијалак – вели сопственик на кафетерија чија тераса е во рамките на објектот.

Идентичен е ставот и на друг сопственик на локал, кој поради истите причини не е во можност да обезбеди отворена тераса што е во согласност со препораките на Владата за рестарт на локалите.
– Едвај го дочекавме денот кога беше најавено дека ќе се отворат локалите и кафулињата во сите градови во земјава, но кога слушнав под какви услови и како ќе може да се работи, се подзамислив дали ќе има економска оправданост да работам и понатаму, бидејќи немам можност да обезбедам отворена тераса, а во затворениот дел не е дозволено да се седи и да се служат гости.

Ако барем делумно не се променат условите под кои ќе можеме да работиме, ќе размислам дали да го рестартирам мојот локал или да ѝ кажам збогум на оваа работа – посочува друг угостител од Кичево.
Со слични проблеми се соочуваат поголем дел сопственици на локали во градот, бидејќи повеќето немаат тераси на отворено.