Сончевата енергија се губи во регулативата

221
Фото: Игор Бансколиев

Една од причините за слабата искористеност на сончевата енергија е слабиот досегашен интерес, но и лошата законската регулатива, која ги демотивира граѓаните да поставуваат сончеви панели и сами да произведуваат струја

Производството на електрична енергија од сонцето во Македонија е на најниско ниво во споредба со другите извори, иако земјата располага со голем број сончеви денови. Во последниот извештај на Државниот завод за статистика, може да се забележи дека од вкупното производство на електрична енергија, од сончеви централи се добиени само 0,5 отсто. Според експертите, една од причините за слабата искористеност на сончевата енергија е слабиот досегашен интерес, но и лошата законската регулатива, која ги демотивира граѓаните да поставуваат сончеви панели и сами да произведуваат струја.

– Хидроцентралите ги имаме веќе 80 години, а фотоволтаиците и ветерната енергија или технологиите на биомаса се релативно нови и кај нас се имплементираат во последните 10 години, така што нивна експанзија се очекува и во наредните пет години, со што и нивниот удел би бил повисок во снабдувањето со обновливи извори на енергија – вели универзитетскиот професор Антон Чаушевски од Факултетот за електротехника и информациски технологии.

И професорот од Машинскиот факултет, Константин Димитров, истакна дека државата треба да ги искористи сите расположливи извори на енергија, особено обновливите како сонцето, за да се ослободиме од користењето фосилни горива.

– Со максимално искористување на обновливите извори на енергија ќе има придобивка целата држава, ќе се намалат трошоците за увоз на фосилни горива, а ќе се намали и загадувањето. Но иако имаме многу сончева енергија, наместо со стимулации да се мотивираат домаќинствата и малите компании да инвестираат во сопствено производство на електрична енергија од сонцето, кај нас државата го кочи процесот.

Има тендер за изградба на големи сончеви електроцентрали до кои ќе се изградат пат и целосна инфраструктура, а за домаќинствата што можат да произведуваат струја, нема услови. На приватни инвеститори им даваат и државно земјиште и услови, а од друга страна им се отежнува на домаќинствата – вели професорот Димитров.

Тој појаснува дека во согласност со сегашните правила, граѓаните се наоѓаат во незавидна позиција, бидејќи нема голем избор на фирми што нудат струја на слободниот пазар и кои се подготвени и да откупуваат струја.

– Вака инвестицијата ќе се врати дури по 12-13 години, поради што нема да има интерес од граѓаните. Ова, според мене, значи дека државата не сака домаќинствата да трошат помалку електрична енергија, зашто плаќаат 18 отсто данок на додадена вредност – посочува Димитров.

Слично на него, и сопственикот на компанијата „Сието“, препознатлива по изградбата на првите сончеви паркови во земјава, Ѕвонко Марковски, посочува дека поради сегашните законски одредби граѓаните немаат интерес за инвестирање во сончеви покриви со кои ќе произведуваат струја за сопствени потреби или, пак, за продажба.

– Со сегашните услови инвестирањето во сончеви панели за производство на струја е неисплатливо, бидејќи граѓаните или фирмите што би се решиле на таков чекор ќе треба да се откажат од универзалниот снабдувач и на слободниот пазар сами да купуваат и да продаваат електрична енергија. Таму и продажбата и набавката се поскапи, поради што тие ќе се откажат од таква инвестиција. За разлика од кај нас, во Германија на пример има стратегија што им овозможува на граѓаните да предаваат струја во системот и да се компензираат. Да не зборувам дека доколку, пак, нашите сограѓани сакаат да инвестираат во панели за објект што се наоѓа надвор од урбана средина, процесот е невозможен. Се бара документација што не можат да ја обезбедат бидејќи општините немаат донесено урбанистички планови – вели Марковски.

Наспроти нивните тврдења, првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Беслимовски, појаснува дека одлуката со која на граѓаните и на фирмите, кои сакаат да инвестираат во сончеви панели за производство на струја, им е овозможено да се исклучат од универзалниот снабдувач, е направена за да можат побрзо да ја повратат инвестицијата.

– Со продажба на добиената енергија на слободниот пазар, граѓаните или фирмите ќе добијат многу поголема цена. Таму струјата се продава по скоро двојна сума од онаа одредена за универзалниот снабдувач, па затоа инвестицијата побрзо ќе ја исплатат. Ние денес имаме осум регистрирани субјекти на слободниот пазар, граѓаните имаат избор и можат да се договорат со нив на кој начин ќе ја предаваат струјата, дали со пребивање или, пак, со наплата на преземено и предадено количество – истакна Беслимовски.

Македонија иако има дури 280 сончеви денови, очигледно сѐ уште не го нашла рецептот за поголемо производство на електрична енергија од сонце, а со тоа и за помало загадување на животната средина.


Вкупно бруто-производство на електрична енергија, април 2019 г.

Соларни електрични централи 0,5%
Ветерни електрични централи 1,6%
Хидроцентрали 27,5%
Биогасни централи 1,2%
Термо централи 69,2%

[email protected]