Современата технологија недостапна за земјоделците

279
Kонструкции со затегнати мрежи што успешно заштитуваат од град

Грдото лице на климатските промени сѐ почесто ќе се манифестира, поради што мора да се креираат мерките за заштита на земјоделските култури

Временските непогоди сѐ почесто уништуваат голем дел од засадените земјоделски култури. Деновиве повторно се актуелни вести за поплавени или уништени посеви од град. Експертите укажуваат дека елементарните непогоди, како сушата, поплавите, мразот, градот во неочекуван период од годината, ќе зачестат.
Како што посочуваат упатените, има разни механизми со кои земјоделците ќе можат да ги заштитат своите култури од некоја непогода. Мрежи за заштита од град и од сонце, современа механизација со која се загрева воздухот и се штитат насадите од нагли температурни промени, градобијна заштита се само дел од современите механизми за заштита на земјоделските култури, но проблемот е што тие се скапи за набавка и што за различен тип непогода е потребна различна механизација.

– Не постои една мерка со која би можеле земјоделците да се заштитат од различни типови невреме, туку мора да се комбинираат. Затоа, на некој начин, осигурувањето е еден од подобрите начини, бидејќи доколку дојде до штета врз некоја култура, земјоделците ќе успеат да покријат дел од доходот што требало да го остварат со продажбата. Сепак, тоа не значи дека не треба да се воведуваат нови техники со кои ќе се обезбеди заштита од непогодите, како што се мразот или градот. Познато е веќе дека има мрежи со кои можат да се заштитат земјоделските култури од град и од сонце. Факт е дека технологијата се развива и се создаваат различни механизми со кои може земјоделците да ги заштитат своите насади. Дополнително се развиваат нови сорти, кои ќе бидат поотпорни на климатските промени. Но за нивно воведување се потребни вложувања, средства што индивидуалните земјоделци ги немаат – вели Драги Димитриевски, декан на Факултетот за земјоделски науки и храна.

Тој појаснува дека земјоделците би можеле преку програмата за рурален развој да набавуваат разна механизација, но, сепак, треба да имаат и свои средства за инвестирање, кои поголем дел од македонските земјоделци ги немаат. Затоа, смета деканот, неопходни се мерки за борба со непогодите, и помош од државата, оти земјоделството е најпогодено од елементарни непогоди.

– Со настапување на глобалните климатски промени, кои не се веќе претпоставка туку факт, нашите земјоделци се соочуваат со нови сериозни проблеми. Тука спаѓаат раните мразеви, градот, поплавите, сушите, екстремните температури, орканските ветрови… Списокот на причинители на штети во земјоделството е долг. Во ова време на развиена технологија постојат заштити од одредени појави што причинуваат големи штети, како што е градот. Постојат конструкции со затегнати мрежи што успешно заштитуваат од град. Но тие имаат оправдана употреба само кај високопрофитабилни земјоделски површини, како што се овоштарниците или лозови насади со трпезно грозје. Нивната примена кај нископрофитабилните површини, како што се житните растенија, е невозможна и нерентабилна – вели Љупче Станковски, претседател на земјоделското здружение „Агрофаланга“.

Тој укажа на пример на минатата година, кога се појавија мразеви многу подоцна од очекуваното и предизвикаа голема штета во преспанскиот регион.
– Од наши членови слушнав оригинална идеја за заштита од измрзнување на овошките. Бидејќи измрзнување се појавува кога ладниот воздух се спушта од висината и се концентрира во рамниците, потребно е мешање на топлиот воздух, кој е неколку метри над земја, поради што на горните гранки не мрзне цветот. Во вакви ситуации е потребно изнајмување хеликоптер, кој со силното движење на елисите го потиснува топлиот воздух кон земјата и штетата се избегнува. Изнајмувањето на хеликоптерот од час имаше смешна цена спрема штетата што ја претрпе нашиот член во својот овоштарник со површина од три хектари – објаснува Станковски.
Тој додава дека недостига и многу поголема соработка меѓу земјоделците за спроведување на сите идеи што се во нивен интерес. Според него, доколку не се употребат современи методи за заштита на површините, единствено решение за спас е осигурувањето.

– Нашите земјоделци во мал процент се одлучуваат на осигурување, па кога ќе се случи непогода, веднаш протестираат и бараат помош од Владата, која не е надлежна за тоа. Заради популизам, политичарите се огласуваат на таквите барања, глумат добротвори и по долго време на земјоделците им префрлаат по десетина проценти од штетите. Таа практика би требало да се прекине и да се оди на комплетно осигурување на посевите и насадите на сите земјоделци. Со тоа треба да се отворат и приватни проценителски фирми, кои ќе ги штитат земјоделците од лоши процени на осигурителните компании – додава Станковски.

Експертите укажуваат дека грдото лице на климатските промени сѐ почесто ќе се манифестира, поради што мора да се креираат мерките за заштита на земјоделците.
– Стратегијата на ЕУ за климатски промени укажува дека климатските промени во земјоделството веќе се чувствуваат. Зачестената појава на екстремни временски услови, како град, суша, поплава, екстремни ветрови, мраз, е резултат на климатските промени и тие ќе се појавуваат сѐ почесто – вели професорот Ордан Чукалиев.
Тој смета дека најголем ефект за заштита на земјоделците, гледано долгорочно, треба да се бара во техничките мерки за заштита. Според него, треба да се поддржат позасилено инвестициите во заштитни мрежи што штитат и од град, а вршат и засенчувања, кои треба да бидат основен предуслов за подигање долгогодишни насади во земјоделството.
Сепак, македонскиот земјоделец со приноси што се на работ на исплатливоста и со мали штети од невреме едвај крпи крај со крај, а камоли по силно невреме, така што тешко дека ќе има средства за инвестиции во современа технологија.