Слободни работни места има, квалификуван кадар нема

214
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Промени во регулативата за работни односи, преквалификација на невра­ботените, креирање добро пла­тени места, се препораките за регрутација на квалитетна работна сила и поголема конкурентност во ком­па­ниите. Препора­ките произлегоа од вчерашната презен­тација на проектот „Партнерство за подобра бизнис-регулатива“ и во него се вклучени сите четири стопански комори во земјава.

– Барањата на фирмите се во насока на поголема флексибилност во процесот на поставување, реализирање и прет­ставу­ва­ње на работниот однос во еден вид дере­гулација, но не анархија – рече Љубомир Димовски, претставник на проектот.
Иницијативата за креирање нов закон за работни односи, според него, може да одговори на дел од проблемите што ги лоцираат фирмите во законската регулатива.
– Ги повикувам сите, особено помла­дите кадри да ги следат измените на регулативата и да даваат предлози за подобрување на законите. Во актив­ностите на проектот може да се вклучат и претприемачите и инвес­титорите со нивни ставови во врска со разни проб­леми, кои ќе ги доставиме до надлеж­ните институции за подарување на пазарот на трудот – рече Димовски.

Вицепремиерот за економски праша­ња Кочо Анѓушев смета дека актив­ностите треба да се насочат кон отвора­ње работни места, кои ќе бидат подобро платени и поатрактивни за младите да останат во државата и да се обезбедат услови за преквалификација на не­вра­бо­тените што немаат соодветна едука­ција.

Иако во државава има најниска невработеност од осамостојувањето, 19,4 проценти, проблем е структурата на 105.000 невработени. Дури 42 процента од нив се постари од 50 години, 50 про­центи се без или со основно обра­зование, а 26,5 проценти со средно, но не од бараните техничките училишта. Е.Р.