Следното лето поевтин роаминг и со Грција

82
Фото: Игор Бансколиев

Цените за услугите во роаминг меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ беа намалени летово, а според најавите на надлежните, од јули 2021 година тоа треба целосно да се укине

Од следната летна туристичка сезона граѓаните ќе користат поевтин роаминг и со Грција, најави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

– Она што можам да го најавам пред почетокот на следната летна туристичка сезона е дека имаме соработка со дел од операторите што функционираат во двете земји и дека граѓаните ќе имаат доста, доста намалени цени за роаминг со Грција – изјави Манчевски, одговарајќи на новинарски прашања по конференцијата посветена на Стратегијата за јавна администрација 2018-2022.

Од средината на оваа година веќе беа намалени цените за услугите во роаминг меѓу Македонија, Србија, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ, а според најавите на надлежните, од јули 2021 година тој треба целосно да се укине. Намалувањето на цените во роаминг меѓу земјите од Западен Балкан, без Грција и Бугарија, беше постигнато со регионалниот договор за роаминг потпишан во април годинава во Белград, во рамките на Вториот дигитален самит на земјите од Западен Балкан.
Од први јули дојдовните повици од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Србија или Црна Гора се намалија на 2,46 денари од 25 денари. Беа намалени и цените на пораките, а најголемо поевтинување имаше кај интернетот.

– Можеби сè уште не сме на нивото како што е Европа, каде што апсолутно се растоварени меѓународните разговори, но, сепак, сметам дека граѓаните треба да бидат задоволни од овој почетен момент. По првото намалување, ќе следуваат и други, за на крајот да стигнеме до нула роаминг помеѓу овие шест држави – кажа Сашо Димитријоски, директор на Агенцијата за електронски комуникации, пред почетокот на намалените цени за роаминг за земјите од Западен Балкан.
Според тогашните најави, поевтинувањето ќе се одвива постепено, за во 2021 година целосно да се укине.

Со првичното намалување на цените во роаминг, во нив не беа опфатени Грција и Бугарија, иако беше потпишан меморандум за разбирање. Поевтинувањето на роамингот е дел од стратегијата за изедначување на цените со тие во Европската Унија (ЕУ), каде што услугите во роаминг не се наплаќаат повеќе отколку во матичната држава.