Слаб интерес за заштита на индустриската сопственост

100
Фото: Игор Бансколиев

Наспроти поголемите компании кај кои постои свеста за заштита на индустриската сопственост, средните и малите претпријатија сѐ уште тешко се одлучуваат на таков чекор, иако, според упатените, цените во Македонија во однос на европските сѐ уште се ниски

Свеста за значењето на заштитата на индустриската сопственост е ниска, иако во Македонија, според заменик-директорот на Државниот завод за индустриска сопственост Горан Герасимовски, цената воопшто не е висока.
– Во Државниот завод за индустриска сопственост има вкупно 8.500 пријави за патенти, од кои 10 отсто се домашни, а преостанатите странски. Во делот на трговски марки се регистрирани 123 илјади, од кои 96.341 се преку мадридскиот систем, кои доаѓаат директно, а 26.486 се странски и наши барања поднесени во Државниот завод за индустриска сопственост. Само 14.644 се македонски пријави за трговски марки – вели Герасимовски.

Тој истакна дека во делот на патентите има двојно зголемување. Во 2014-та сме имале 29, а во 2017-та имаме 52 домашни пријави за патенти. Вкупно, во 2017-та има 1.003 пријави, за разлика од 2014 година. кога имавме 573. Се очекуваат исти или слични резултати и оваа година, бидејќи досега има 740 пријави.
Герасимовски во интервјуто за МИА истакнува дека во Македонија свеста за заштита е поголема кај големите компании. Поради ова, преку карванот што овој период се организира по повод 25 години од постоењето на заводот, нивна целна група се малите и средните претпријатија.

– Добро е секоја фирма при отворањето да си ги заштити кај нас името и логото. Вообичаено, луѓето не се свесни за проблемите додека не се појават. Тогаш стануваат свесни какви се значењето и придобивките од индустриската сопственост. Искрено, не можеме да бидеме целосно задоволни од свесноста на македонските компании за значењето на интелектуалната сопственост, тоа го покажуваат и бројките со кои располагаме во однос на поднесените пријави, но постојат и такви што се многу упатени во областа, особено кога станува збор за трговските марки и за индустрискиот дизајн. Такви се можеби 10 проценти од фирмите – објаснува Герасимовски.
Заменик-директорот на Заводот истакна дека иновативноста и креативноста имаат позитивно влијание во секојдневниот живот, а заштитата на интелектуалната сопственост е основен елемент за успешно функционирање на европскиот пазар. Тој посочи дека фалсификувањето е форма на уништување на интелектуалната сопственост и затоа заштитата на правата од индустриска сопственост игра голема улога во индустријата.

– За жал, кај македонските компании употребата на интелектуалната сопственост во целина е ограничена. Меѓутоа, сите треба да бидеме свесни дека креирањето и управувањето со интелектуалната сопственост се од клучно значење за одржување на порастот, конкурентноста и проширување на пазарите на македонските компании. Со членството на Македонија во ЕУ и во НАТО ќе се зголеми заштитата на индустриската сопственост, а македонските компании во согласност со својата стратегија за развој ќе добијат можност да ја подобрат својата позиција на национално и меѓународно ниво, што ќе овозможи успешно функционирање на македонската индустрија на европскиот пазар – објаснува Герасимовски.

Како што посочија и надлежните, заштитата на правата од индустриската сопственост во Македонија не е скапа. За да се заштити за период од десет години, компанијата треба да одвои околу 15.000 денари. Ова е цената за домашна заштита, односно заштита само во Република Македонија.

Доколку пронајдокот се заштитува во некои други земји, заштитата е доста поскапа. За европски патент со десетгодишна важност во најмалку 10 земји-членки на ЕПО, потребни се најмалку 50.000 евра.

Заштитата на трговска марка во Македонија чини околу 6.000 денари за десетгодишна важност на трговската марка, додека, пак, петгодишна заштита на еден индустриски дизајн чини околу 3.100 денари.

Постапката за заштитата на индустриската сопственост трае околу пет месеци, а кај патентот таа процедура е 12 месеци

– Годишно добиваме помеѓу 130 и 140 пријави, кои најчесто се во делот трговските марки за сличност, односно копирање на постојната трговска марка. Во Заводот не може да се заштити трговска марка ако е идентична со порано пријавена или регистрирана. Ако трговската марка се состои од зборови или букви или од комбинација на зборови и букви, заштитата ги опфаќа тие зборови, букви и комбинации, нивните транскрипции или транслитерации, напишани со каков било вид букви, во каква било боја или изразени на каков било друг начин – објаснува Герасимовски.

Државниот завод за индустриска сопственост е член на Светската организација за интелектуална сопственост (WIPO) од 23 јули 1993 година, а во неа членуваат 188 земји, потоа на Европската патентна организација (ЕПО) од 1 јануари 2009 година, каде што членуваат 38 земји. Институцијата има склучено меморандум за соработка со Заводот за интелектуална сопственост на Европската Унија – ЕУИПО. Е.Р.