СКСЗМ: Корона-кризата згасна над четири илјади компании

75

Во првите шест месеци од пандемијата на коронавирусот згаснале над четири илјади фирми во Македонија, се вели во извештајот што Стопанска комора на северозападна Македонија (СКСЗМ) го достави до Владата заедно со листата на барања во однос на антикризните мерки. Од Комората велат дека новиот антикризен пакет треба да се насочи кон подобрувањето на ликвидноста на фирмите за тие да можат да опстанат по завршувањето на пандемијата и ја повикуваат Влaдата директно на сметка на вработените да се уплатат платите како дел од поддршката за стопанството.
Од СКСЗМ посочија дека ликвидноста на компаниите, особено на малите и средните, е влошена и дека тие тешко се справуваат со последиците од кризата. Претседателот на СКСЗМ, Неби Хоџа, посочи дека токму малите и средните претпријатија ќе бидат во фокусот на петтиот економски пакет, но истакна дека досега поради здравствено-економската криза над четири илјади правни субјекти се затворени.
– Фактот што повеќе од 4.000 компании се затворија доволно зборува за неопходноста од пари за одржување на ликвидноста – посочи Хоџа.

Тој дополни дека како комора ќе бараат од Владата да најде начин да даде помош за плата за јануари, затоа што овој зимски месец вообичаено е тежок за компаниите.
– За да се врати економијата во нормалната траекторија, сметаме дека Владата во претстојниот период треба да се фокусира на почнување на процесот на вакцинација против ковид-19, за отворањето на економијата да се случи што е можно побрзо и да бидеме во чекор со земјите од регионот и пошироко. Реализирање на капиталните расходи во стапка од минимум 85 отсто на начин што ќе ја стимулира економската активност, вклучувајќи ги поврзаните дејности. Основање посебен фонд за компаниите од најпогодените сектори, како производствената индустрија, градежништвото, трговијата на големо. Намалување на царинските стапки како мерка за општа поддршка на економијата и отстранување на нетарифните бариери што ја попречуваат трговската размена на стоки и услуги со соседните земји – кажа првиот човек на СКСЗМ.
Наедно, Хоџа истакна дека е потребно и поттикнување на извозот, преку поддршката кон производителите ориентирани кон извоз, како и нивно промовирање преку дипломатските мисии, целен пристан на владината поддршка кон домашните компании и транспарентност на расходот на буџетските средства за борбата против пандемијата.
Од СКСЗМ апелираат до Владата да обезбеди протоколи за работа на компаниите од областа на туризмот, за да можат тие да ја извршуваат својата дејност и да обезбедат ликвидност и зачувување на работните места, бидејќи овој сектор вработува над 30.000 лица.

Од СКСЗМ за надминување на кризата предлагаат продолжување на мерката субвенции на платите во износ од 14.500 денари најмалку до март 2021, како најсоодветна за зачувување на работните места, како и зголемување на фондот на Развојната банка на РСМ за кредити со ниски каматни стапки, финансиски средства за компаниите што инвестираат во дигитализација и зголемување на технолошките капацитети, укинување на данокот на добивка до 2022 година за најпогодените компании од пандемијата и поништување на одлуките за укинување и мораториум на деталните урбанистички планови во општините, со кои се спречуваат градежните инвестициски проекти.