Скриените трошоци и понатаму товар за компаниите

73

Истражувањето, спроведено од Центарот за економски анализи, покажало дека на ниво на целиот градежен сектор компаниите годишно во просек имаат трошоци од по 959.755 денари за неданочни и за парафискални давачки, заедно со опортунитетните трошоци

По најавените реформи во даночниот систем проследени со мошне жестоки и крајно поделени реакции, меѓу кои и таа дека тие се избрзани, од Министерството за финансии нема објаснување што се случи со ветеното воведување регистар на неданочни и парафискални давачки. Станува збор за давачки за кои бизнис-секторот подолго време алармира дека претставуваат сѐ поголем товар за компаниите и дека за нив е неопходен еден систем на евиденција. Неданочните и парафискалните давачки се скриени трошоци за кои честопати фирмите не се ни свесни дека ги има, особено при отворање компании или почнување нова дејност.
– Парафискалните и неданочните давачки се странични и дополнителни давачки, кои егзистираат паралелно со даноците и се однесуваат на исти економски ресурси со исти економски резултати како и даночните прибирања. Оттука, нивната рационализација е потребна затоа што претставуваат една пречка за унапредување на деловното опкружување и за конкуренцијата на деловниот сектор – објаснува Весна Гарванлиева Андонова, постара економистка при Центарот за економски анализи (ЦЕА).

Гарванлиева Андонова посочува дека во голема мера товарот што произлегува од овие давачки не е во финансиските трошоци врз бизнисите туку во економските трошоци, кои се изразени како опортунитетни трошоци од бирократски процедури за кои се чека за нивно издавање, како на пример одобренија, лиценци, дозволи и други, а сето тоа се рефлектира и во изгубено време, намалена продуктивност и загубена добивка за компаниите.

– Рационализацијата на овие давачки треба да се разгледа најпрво преку подготовка на детален регистар на неданочни и парафискални давачки преку интегриран пристап, кој ќе ги опфати сите државни и локални органи и тела на сите нивоа, по примерот на голем број држави. Но регистарот би требало да биде инпут за рационализација на истите тие и тоа во насока на отстранување на оние давачки што се преклопуваат, повторуваат и за кои економските оператори, односно корисниците не добиваат никаква дополнителна услуга. Потоа потребно е преиспитување на висината на оние давачки за кои корисниците сметаат дека добиваат одредена услуга, но чија вредност е помала од вредноста на средствата што ги одделуваат. Mоже да се појават и давачки што треба да го сменат својот статус на административни или други тарифи доколку имаат карактеристики, на пример, на даноци и неданочни давачки што се неопходни и што треба да останат, а за кои корисниците добиваат адекватна услуга – додава Гарванлиева Андонова.

Од ЦЕА истакнуваат дека ефектот од нивните предлози може да биде повеќестран, не само во унапредување на деловното опкружување за бизнисите и намалување на товарот туку и во намалување на административниот товар врз државата за процесирање и контрола за овие давачки, уште повеќе што на подолг рок може да се очекува и зголемување на даночната основа со овозможување на поголеми добивки од работењето.

– За илустрација, од анализата што беше спроведена од страна на ЦЕА, преку случајот на два сектора и тоа градежен и прехранбен, може да се види големиот број неданочни и парафискални давачки. Преку симулација утврдивме дека на ниво на целата прехранбена индустрија годишно се трошат во просек 379 милиони денари на неданочни и парафискални давачки, вклучувајќи ги и опортунитетните трошоци. На ниво на целиот градежен сектор на годишно ниво компаниите во просек имаат трошоци од по 959.755 денари на неданочни и парафискални давачки, заедно со опортунитетните трошоци – истакна Андонова.

Претставничката на ЦЕА посочи дека и членките на ЕУ како компонента од програмите за економски реформи го отвораат и ова прашање, како едно од барањата за отстранување на макроекономски дисбаланси. Врз база на искуствата од други земји може да се очекува дека за среден период, од три до пет години рационализација на неданочните и парафискалните давачки, трошоците можат да се намалат за 15 проценти.

Меѓу другото во нивната анализа е наведено дека некои од давачките се оценети од страна на интервјуираните компании како несразмерни со повратната услуга што се добива од државата и истите тие треба да се намалат или укинат. Притоа се сугерира дека потенцијалните реформи треба дополнително да се фокусираат и во насока на забрзување на административните процедури и ефикасноста на администрацијата.

– Заштедите што двете индустрии би ги имале доколку се укинат или намалат неданочните давачки или доколку се зголеми ефикасноста на администрацијата и брзината на административните процедури, тоа би значело и дополнителни даночни приходи преку зголемување на оданочивите добивки на фирмите доколку истите тие не се реинвестираат во фирмата. Под оваа претпоставка износот на дополнителни јавни приходи од данок на добивка од прехранбената индустрија би изнесувале околу 3,8 милиони денари годишно во првото сценарио, 5,7 милиони во второто сценарио и 7,5 милиони денари во третото сценарио. Во градежниот сектор би биле околу 37,92 милиони денари во првото сценарио, 56,89 милиони во второто сценарио и 75,85 милиони денари во третото сценарио – е наведено во нивниот извештај.


Никој нема евиденција за парите што се слеваат во разни агенции, регулаторни тела, управи…

Околу проблемите што ги имаат компаниите со неданочните и парафискалните давачки алармираа и од Стопанската комора на Македонија, од каде што посочија дека никој нема точна евиденција за средствата што се плаќаат на сметките во комерцијалните банки на различните агенции, регулаторни тела и управи.
– Кога ќе се земат предвид неданочни и парафискални давачки, доаѓаме до фактот дека ефективното оптоварување на стопанските субјекти е поголемо за разлика од ситуацијата кога би се анализирале само даночните давачки. Зголемувањето на бројот на неданочни и парафискални давачки е евидентно во последните години во Република Македонија. Даночниот систем во Македонија оставил неограничен простор со разни секторски закони, подзаконски акти, локални одлуки, одлуки на управните одбори на агенциите или одборите на јавните претпријатија, да се воведуваат разни давачки, кои тешко се контролираат, па Министерството за финансии не може да има комплетна слика и некој вид контрола врз овој систем во нашата земја – кажа Анета Трајковска, в.д. оперативна директорка на комората.