Скапата нафта ќе ги зголеми цените на авионските карти и на хотелите

137
Фото: Дарко Андоновски

Според македонските туристички работници, овие покачувања нема да имаат никакво влијание на намалувањето на бројот на туристите, бидејќи не е некоја алармантна бројка на покачувања, а и тие што работат со дојдовниот туризам веќе ги имаат потпишано договорите за 2019 година со хотелиерите и со авиокомпаниите

Порастот на цената на нафтата и вкупниот светски пораст придонесува за пораст на цените на авионските карти и на хотелите.
Асоцијацијата „Глобал бизнис травел“ објавила дека очекува од 2019 година авионските карти да поскапат за 2,6 отсто, а цените во хотелите би можеле да пораснат за 3,7 отсто. Според ова, се проценува дека на некои пазари, како Индија, Нов Зеланд, Норвешка, Германија и Чиле, поскапувањето ќе биде драстично и патникот ќе го чини 7 отсто повеќе отколку сега ако патува со авион. Од Меѓународното здружение за авионски сообраќај неодамна дале слични прогнози, истакнувајќи дека по 2011 година првпат се очекува значајно поскапување на авионските карти.

– Трошоците за авионскиот сообраќај растат, вклучувајќи ги трошоците за гориво, присилувајќи ги превозниците да ги зголемат цените, за да може да се одржи маржата – се наведува во извештајот што го пренесуваат европските медиуми.
Предвидувањата за 2019 година покажуваат дека порастот на хотелските цени ќе биде поголем во споредба со цените за авионските летови.

– Се очекува цените на хотелските соби во САД и Европа да се зголемат за 5 отсто, во Северна Америка за 2,1 отсто, а во Латинска Америка се очекува да паднат за 1,3 отсто – велат од „Глобал бизнис травел“.
Големите хотелски компании неодамна објавиле дека овие години бележат силен пораст на приходи по достапна соба во Азија и во Европа.
Наредната година останува ризична поради глобалната состојба, трговската војна и неизвесноста во однос на брегзит.

Според Дончо Нацев, сопственик на туристичката агенција „Арбо травел“, овие покачувања нема да имаат никакво влијание на намалувањето на бројот на туристите.
– Поаѓам од фактот што ова се податоци од асоцијацијата „Глобал бизнис травел“ на глобално ниво, што понекогаш не се многу релевантни, но, без разлика, не е некоја алармантна бројка на покачувања. Ние, туристичките работници што работиме со дојдовниот туризам веќе ги имаме потпишано договорите за 2019 година со хотелиерите и со авиокомпаниите и така тие сами си ги формираат цените на авиобилетите според условите – истакна Нацев.

Како што додава тој, и оваа година се зголемиле цените на хотелите во Грција, Бугарија, Хрватска и во другите земји, па бројот на туристи не се намалил.
– Од оваа година во Грција беше воведена и туристичката такса, која самите туристите задолжително ја плаќаат во хотелите и која, сепак, не е за занемарување, но не се почувствува намалување на побарувачката – нагласува Нацев.
Претседателот на здружението на туристички агенции во Србија, Александар Сеничиќ, вели дека овие прогнози се реални, бидејќи досега цените мирувале, но турбуленцијата на пазарот на нафта ќе донесе поскапување на авионската карта, но и на хотелите.
– Тоа што забележавме е дека кај чартер-летовите веќе се случуваат промени. Поради високите цени на нафтата најголем број авиокомпании сега се во загуба. Тој тренд оди во прилог цените на горивата да не паднат и последица на тоа е поскапувањето во туристичката индустрија – смета Сеничиќ.

Тој објаснува дека цените на авионските летови се формираат и објавуваат двапати годишно, зиме и лете. Тогаш компаниите имаат можност да ги изменат цените на основните тарифи. Сето ова оди кон тоа, додава тој, веќе во претстојната зимска сезона цената на авионските билети да биде повисока од два до четири отсто, особено за далечните дестинации, односно долгите линии, каде што е највисока потрошувачката на гориво.