Синџирите за снабдување со храна мора да се зацврстат

246
Доколку се доцни со испораките сите ќе бидат погодени / Фото: Игор Бансколиев

Земјава произведува солидни количества храна, но во овие услови, треба да се настојува максимално да се искористат суровините што ги имаме и да се најде начин за нивна преработка и за продолжување на нивниот рок на траење, истакнуваат, меѓу другото, упатените

Неопходни се капацитети за преработка и доработка на земјоделските продукти, но и поддршка што ќе го поттикне домашното земјоделство, особено сега, кога поради блокадите предизвикани од пандемијата на коронавирусот, се очекуваа поголема побарувачка по домашните производи. Упатените истакнуваат дека земјава произведува солидни количества храна, но и дека во овие услови треба да се настојува максимално да се искористат суровините што ги имаме и да се најде начин за нивна преработка и продолжување на нивниот рок на траење, како на пример преку конзервирање.

– Економијата е падната. Во вакви услови неопходни ни се финансиски средства. Потребно е да ги задржиме вработените и по цена на задолжување за да може примарното производство да продолжи да работи. Треба да се искористи капацитетот на земјоделството и тој целосно да биде ставен во функција, за да имаме доволно храна да се прехраниме, па и да им помогнеме на земјите во околината. Сега не е време да мислиме како ќе го полниме буџетот, туку како правилно да се искористат средствата за да ѝ се помогне на секоја алка во економијата. Со доволно суровини ќе бидеме во можност да го покриеме не само домашниот пазар туку и регионот, но потребна е максимална искористеност на капацитетите и на домашните ресурси – истакна Влатко Ѓорѓиевски од Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Поради затворените граници и отежнатиот проток на стока низ земјите, инволвираните алармираат дека некои од суровините се заглавени на границите и се чекаат соодветни дозволи. Ваквите состојби, посочуваат претставниците на прехранбениот сектор, може да се одразат на редовните производствени процеси и да се доцни со некои испораки.
– Суровините се заглавени на граница и се чекаат дозволи од санитарната инспекција. Фабриките имаат одредена резерва, но доколку се доцни со испораките сите од прехранбениот сектор ќе бидеме погодени. Во ова невреме, каде што секој стравува за својот живот, добро за сите нас е да се увериме колку е важно домашното производство. Колку се важни домашните македонски компании.

Ние сме тука, и во добро и во лошо. Немаме друга земја да се грижиме за неа! Сите заедно тука, ја делиме истата судбина, се грижиме за нашите најблиски, за нашите роднини, вработени, соседи, сограѓани. Некои земји, чии производи се застапени кај нас, ги затворија границите за брашно, масло, шеќер, лекови… без ни малку грижа. Ние докрај ќе се трудиме да ги задржиме сите вработени, да не ги намалиме платите, да немаме пад на приходите, за да не дојдеме во ситуација да аплицираме за помош – истакнува Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“, членка на Здружението на земјоделство и прехранбена индустрија.

Деновиве Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја креира апликацијата „Понуда-побарувачка“, преку која на земјоделците им се овозможува да тргуваат со своите производи во овие услови, кога голем дел од пазарите не се во функција. Притоа како што е наведено, преку апликацијата може да се понудат или да се побаруваат земјоделски производи или добиток, за притоа заинтересираните страни (понудувачи и побарувачи) да договорат и да направат трговска трансакција.
– Целта на оваа алатка е да овозможи брз и лесен пристап до податоците за расположливите количества и цени на земјоделските производи и добитокот во реален временски период, како и континуиранo следење и обезбедување транспарентен преглед на земјоделски производи од домашно потекло и движење на цените на земјоделските пазари – соопштуваат од Министерството.
Инаку, претставникот на Здружението на трговија при СКМ, истакна дека криза со брашно во земјава нема да има и дека нема да се менуваат цените.

– Ќе продолжи увозот на брашно, криза со брашно нема. Шеќер имаме како резерва во Солун, но имаме проблем со доставата, па затоа бараме испораката да се изврши со железнички транспорт. Располагаме со големи количества масло и сончоглед за преработка, нема криза и за оваа суровина. Она што го погодува секторот на трговијата поради кризата, е што се соочуваме со враќање на производи од страна на погодените сектори како што се ресторани или градинки – објаснува Румен Смилевски од Здружението на трговијата.


ФАО стравува дека храната нема да биде достапна за секого

Организацијата за храна и земјоделство при Обединетите нации (ФАО) веќе алармира дека е потребен глобално координиран и рационален одговор, за да се спречи оваа здравствена криза да предизвика криза со храна во која луѓето нема да можат да најдат или да си дозволат храна.

– Има доволно храна во светот за да се нахранат сите, ние може да се соочиме со предизвик, храната да не биде достапна каде што е потребно. Со затворање граници и блокади, се создадоа тесни грла – предупредуваат од ФАО.
Оттаму истакнуваат дека поради ограниченото движење, земјоделците може да бидат спречени во одгледување и преработка на храна, но и да се појави недостиг од ѓубрива, ветеринарни лекови и други суровини, што исто така, може да влијае на земјоделското производство.

– Несигурноста околу достапноста на храна може да ги натера креаторите на политики да спроведат трговски рестриктивни мерки за да ја заштитат националната сигурност на храната. Со оглед на искуството од глобалната криза и на цените на храната во 2007 година, знаеме дека ваквите мерки можат само да ја влошат ситуацијата. Ограничувања на извозот, воспоставени од земјите извознички, за да ја зголемат достапноста на храната во земјата, може да доведат до сериозни нарушувања на светскиот пазар на храна, што резултира со зголемена нестабилност на цените – истакнуваат од ФАО.