Синдициран заем од 72 милиони евра за финансирање на изградбата на „Ист гејт мол“ во Скопје

130

Договор за синдициран заем во вредност од 72 милиони евра беше потпишан завчера од страна на домашни и странски банки за финансирање на изградбата на трговскиот центар „Ист гејт мол“, градежен проект зад кој стои вкупна инвестиција од 103 милиони евра на групацијата „Балфин“. Со синдицираниот заем се обезбедени 38,5 милиони евра од групацијата НЛБ (20 милиони евра од НЛБ дд Љубљана и 18,5 милиони евра од НЛБ банка АД Скопје), 18,5 милиони евра од Комерцијална банка АД Скопје, 10 милиони евра од Рајфајзен банка Албанија и 5 милиони евра од Халк банка АД Скопје. Со ова е овозможена значајна финансиска поддршка за реализација на оваа инвестиција. Банка лидер на овој синдициран заем е НЛБ банка АД Скопје, која се јавува во улога на носител на сите активности поврзани со организацијата, координацијата и управувањето на целокупната финансиска конструкција.

Со овој синдициран заем ќе се овозможи изградба на еден од најсовремените трговски центри на Балканот. „Ист гејт мол“ е дел од модерниот и современ повеќенаменски комплекс „Скопје ист гејт“, кој e распространет на над 15 хектари земјиште и опфаќа трговски центар, резиденцијален комплекс и канцелариски парк, со вкупна планирана бруто-изградена површина од над 500.000 м2, со што претставува најголемиот повеќенаменски проект во недвижности во државата.

Според Игор Давков, генерален извршен директор на „Ист гејт мол“, инвестицијата, за која денес се заокружи финансирањето во целост, ќе ја смени сликата за македонската ретаил-индустрија.

– Изминатите две години напорно работевме на креирање портфолио на закупци што во целост ќе ги задоволат потребите и очекувањата на потрошувачите, не само во државата туку и во регионот. Трговскиот центар на ретаил-пазарот во Скопје ќе донесе над 20 нови светски модни брендови на малопродажна површина од над 20.000 м2, односно на приближно 40 отсто од вкупната површина за издавање во трговскиот центар; ќе овозможи отворање трговски единици што по својот формат и големина одговараат на форматот и големината во кои најголемите модни брендови отвораат продавници во светските метрополи, а со тоа овозможуваат и сосема поинаков квалитет и квантитет во понудата кон крајниот потрошувач. Веќе имаме потпишано комерцијални услови и договори за закуп со над 150 трговци, па така денес, повеќе од една година пред отворањето на трговскиот центар, истиот е издаден веќе над 80 проценти, со потврдени комерцијални услови од закупците – изјави Давков.

Комплексот претставува модерен урбанистички и архитектонски симбол на Скопјe, кој како проект има за цел да воведе нови и современи стандарди на урбаното живеење и работење. Tрговскиот центар зафаќа вкупна корисна површина за закуп од околу 57.000 м2, со 250 закупци (поединечни локали под закуп). Според планираната динамика, трговскиот центар треба да биде отворен за сезоната есен/зима 2021 година.

– Со овој договор, НЛБ банка заедно со Комерцијална банка АД Скопје, Халк банка АД Скопје и Рајфајзен банка Албанија покажуваме дека заеднички можеме да поддржиме и реализираме големи развојни проекти и во ситуација на невидена и непозната пандемиска криза предизвикана од ковид-19. Би сакал да изразам благодарност до другите банки учесници за стручниот и несебичен придонес во синдицираниот заем. Огромна благодарност и за најзаслужните за овој проект, а тоа се групацијата „Балфин“ и „Ист гејт мол“, кои макотрпно и со огромна храброст и посветеност работат на реализација на овој проект. Навистина сме среќни и горди што сме дел од еден ваков мултидисциплинарен проект за изградба на објект што сам по себе ќе претставува нов симбол на градот, ќе даде нова димензија на шопинг-искуството, ќе донесе нови брендови, а секако ќе придонесе и за придвижување на македонската економија – изјави Антонио Аргир, претседател на Управниот одбор на НЛБ банка АД Скопје.

Обезбедената финансиска поддршка од домашни и странски банки за изградба на „Ист гејт мол“ во услови на глобална финансиска криза, наметната од пандемијата од ковид-19, e доказ за важноста на оваа инвестиција за македонската економија и показател на стабилноста и отвореноста на банкарскиот сектор во земјава за поддршка на економски значајни проекти.