Сивата економија ќе се намали со дисциплинирањето на даночните обврзници

99

Управата за јавни приходи во 2018 година спроведе 7.148 контроли за фискализација, од кои кај 826 беа утврдени неправилности, и тоа во најголем дел кај обврзниците во Скопје, а територијално застапено помалку или повеќе ги има во сите поголеми или помали населени места во земјава, истакна вчера директорката на УЈП, Сања Лукаревска.

Таа посочи дека во периодот јануари-февруари 2018 година биле спроведени 1.639 контроли, од кои 174 биле со неправилности, додека во првите два месеца од годинава се спроведени 268 контроли, од кои 215 се со неправилности.
– Тоа претставува 80 отсто успешност во делот на лоцирањето на неправилностите, а тоа значи редуцирање на контролите, односно насочување само таму каде што е потребно. И при овие контроли, најголем дел на неправилностите се лоцирани во Скопје, поточно 114 – додава Лукаревска.

Според неа, при контролите за фискализација, најчести утврдени неправилности се неиздавање фискални сметки, односно користење „компјутерски“ сметки/маркери, како замена за фискални сметки, непоседување резервен фискален систем на опрема, непоседување и неевидентирање податоци во книга за дневен финансиски извештај и итна сметководствена книга, како и неусогласен промет.

– Намалувањето на сивата економија ќе започне од дисциплинирањето на даночните обврзници. Овие контроли што ги споменавме како статистички податок укажуваат дека во оваа бројка има даночни обврзници, пред сѐ угостителски објекти што по шести пат имаат направено ист прекршок. А истите обврзници што ги прават овие прекршоци се први поборници за намалување на казните – објаснува Лукаревска.

Директорката на УЈП, исто така, информира дека за намалување на фискалната евазија со измените и дополнувањата на Законот за регистрирање на безготовинските плаќања, се пропишува законска обврска за приложување фискална сметка, кон сметката што се сторнира.

– Ваквата обврска, иако досега беше уредена со подзаконски акт, често не беше почитувана од повеќето даночни обврзници, поради што и се пристапи кон овие измени. Со измените и дополнувањата се врши и доуредување на законот во однос на неиздавањето сторнирани сметки, за вршителите на промет на храна и пијалаци за консумирање во рамките на објектот на давателот на услугата и обложувачниците. Се пропишува временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка за пијалаци и храна, ресторани, кафулиња, дискотеки, а се пропишува и временско ограничување од 15 минути за сторнирање сметка и во обложувачници, како и приложување фискална сметка кон сметката што се сторнира – истакна таа.

Како што вели Лукаревска, при издавање фискална сметка ќе треба точно да се внесе начинот на плаќањето, дали ќе се плати во готово или со платежна картичка, а во случај на повторување на прекршоците од страна на даночните обврзници, со измените се пропишува и забрана за вршење дејност во деловна просторија на определен временски рок.

– Досегашната практика покажува дека трендот со сторнирани сметки продолжува. Анализата покажува дека за две години има над една милијарда денари сторниран износ од вкупен промет од околу 17 милијарди денари. Износот платен во готово е 14,8 милијарди денари, а 2,38 милијарди денари е износот платен на друг начин, електронски или со платежни картички – појаснува Лукаревска.
Е.Р.