Се реконструира патот Прилеп-Прилепско езеро

1586

Се реконструира патот Прилеп – Прилепско вештачко езеро во должина од осум километри за што се одвоени 20 милиони денари, по десет од ЛС и од ЈП за државни патишта. Реконструкцијата се врши по барање на граѓаните, а денеска увид извршија министерот за транспорт и врски Горан Сугарески и градоначалникот на Прилеп Илија Јованоски.

-Станува збор за крајно небезбеден пат и затоа заедно со ЈП „Македонија пат“ решивме овој патен правец целосно да биде реконструиран. Согласно Програмата на ЈП за државни патишта од 467 милиони денари, планирано е годинава да бидат реконструирани 29 локални и регионални патишта. Оваа година од страна на ЈП за државни патишта се обезбедени преку 270 милиони евра, за изградба на автопати, експресни и регионални патишта, како и за нивна реконструкција и рехабилитација, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Градоначалникот Илија Јованоски рече дека реконструкцијата на патниот правец Прилеп-Прилепско езеро, е почеток на изградбата на патната инфраструктура во општина Прилеп. Локалната самоуправа со два проекта има аплицирано за реконструкција и на регионалните патишта Прилеп-Крушево и Прилеп-Македонски Брод. После 15 мај, како што најави градоначалникот Јованоски, ќе се интензивираат работите за решавање на проблемот со патната инфраструктура во градот.

-Од средината на мај, до крајот на оваа година, ќе има експанзија на работите на улиците во градот и општината. Планирана е изградба на обиколница, за да не го користат овој пат и градските улици, камионите од компаниите кои извезуваат мермер. Обиколницата ќе се гради од потегот кај рудникот „Сивец“ до регионалниот пат кај Плетвар, во должина од околу 6 км“ – вели градоначалникот Јованоски.

Ка.М.