Се подготвуваат контрамерки за Косово

265
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во насока на решавање на проблемот со воведените зголемени царини од страна на Косово, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, е во постојана комуникација со ресорните министри од регионот.
Официјално, Македонија со допис до ЦЕФТА, ЕУ и до Владата на Косово побара повлекување на привремената одлука за зголемување на царините за увозното овошје и зеленчук. Ако Косово не ја повлече одлуката, Владата на Република Македонија ќе преземе мерки за заштита на домашното производство, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).

Според МЗШВ, Владите на Македонија и на Косово преговараат за наоѓање решение за зголемените царини. Министерот Николовски и министерот за економија Крешник Бектеши идната недела ќе имаат средба со косовските ресорни министри, а министерот за надворешни работи Никола Димитров, кој вчера се сретна со државниот врв на Косово, меѓу другото, разговарал и за одлуката за зголемување на царините.
– Владите на Македонија и на Косово се во постојана комуникација за наоѓање соодветно решение. Во насока на решавање на проблемот, министерот Николовски е во постојана комуникација и со ресорните министри од регионот. Тие следната недела на заедничка средба ќе разговараат за наоѓање модел за надминување на проблемот – информираат од МЗШВ.

Привремената мерка официјално стапи во сила на 18 јули и со неа се зголемуваат за 30 отсто царините за увезеното овошје и зеленчук. Мерката ќе трае три месеци и ќе важи за сите држави што извезуваат во Косово. Според МЗШВ, најпогоден од оваа одлука ќе биде извозот на доматите, пиперките и на сливите. Во одлуката ги нема грозјето и други стратегиски производи.
Вкупниот извоз на зеленчук и овошје од Македонија во Косово за периодот јануари – јуни 2018 година е над 2,5 милијарди денари. Увоз на земјоделски производи од Косово нема.

Косово од Македонија најмногу увезува јаболка, пиперки, грозје, домати, друг вид пиперки, кромид, краставици, зелка, а само за еден ден поради царините не се откупени 100 тони зеленчук и овошје. Е.Р.