Се очекува раст на капиталните инвестиции

127

Зголемена реализација на капиталните инвестиции во третиот и четвртиот квартал годинава најави министерот за транспорт и врски, Горан Сугаревски, при увидот на реконструкцијата на регионалниот пат Ранковце – Крива Паланка. Тој истакна дека се вложуваат над милијарда евра во капитални инвестиции во патишта, железничка пруга и гасоводната мрежа, што е меѓу приоритетите на Владата. Рехабилитацијата на патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар ќе чини 2,6 милиони евра, а се гради и експресниот пат.

– Ова е исклучително важно за подигнување на капиталните инвестиции, кои заклучно со вториот квартал во делот на гасоводот се 48 проценти, а во делот на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) над 34 проценти, кои очекуваме да бидат драстично зголемени со добивањето на согласноста за автопатот Кичево – Охрид. Уште позасилено темпо очекуваме во третиот и четвртиот квартал, се разбира дека на тој начин ќе имаме сериозно зголемување на капиталните инвестиции – изјави Сугарески.
Директорот на ЈПДП, Зоран Китанов, информира дека се планира целосна рехабилитација на патната делница од Куманово до Крива Паланка.

– Активностите на патот од Ранковце до Крива Паланка во должина од 21 километар треба да бидат завршени напролет, но со засилени напори мислам дека ќе биде завршен до крајот на годината. Другите 30 километри, од Куманово до Ранковце, се поделени на два лота, првите 15 километри се реализираат преку ИПА, за другите 15 километри ќе има тендер во август и изградбата би требало да почне во септември како надоврзување на постојниот пат – рече Китанов, посочувајќи дека обновената делница ќе биде од голема корист за граѓаните и откако ќе заврши изградбата на експресниот пат.

Во овој регион се работи на рехабилитација на 120 километри патишта.
– До крајот на годината ќе имаме рехабилитирани над 550 километри патишта затоа што моментно се работи на 300 до 350. Другите почнуваат овој месец и мислам дека сѐ што ветивме ќе реализираме – додаде Китанов.
Како што истакна градоначалникот на Ранковце, Ивица Тошевски, обновата на регионалниот пат, освен за подобро патно поврзување со Бугарија е значајна и за месното население, бидејќи патот бил полн со дупки и не бил обновен четириесетина години.