Се намали невработеноста или заминаа работоспособните?

363
Фото: Дарко Андоновски

Експертите укажуваат дека е многу проблематично да се процени колкава е реалната стапка на невработеност, особено ако се земат предвид структурата, образованието и вештините на невработените лица. Неминовно прашање е дали намалувањето на невработеноста е резултат на вработувањата или на иселувањето

Во последниве месеци сведоци сме на драстично намалување на стапката на невработеност, на рекордни 17,5 проценти, како што ја нарекуваат политичарите. Како податок и информација од областа на економијата и, уште повеќе, како феномен што во нашата држава беше децениска рак-рана за одржлив раст и развој, овој тренд звучи исклучително добро. Во извештаите на Државниот завод за статистика (ДЗС) е наведено дека за една година бројот на лица без работа се намалил речиси за 40 илјади (39.210 лица се вработиле од вториот квартал во 2018-та до вториот кватрал во 2019 година).

Но дилемата што се наметнува од ваквиот тренд е дали клацкалката во стопанството на која од едната страна се невработените, а на другата страна вработените, сериозно веќе натежнува на страната на овие вторите. Дали намалувањето на невработеноста е навистина резултат на нови вработувања? Има ли некои други фактори што влијаат на овој тренд и која е вистинската причина за падот на невработеноста?

Процени – домашните експертите наспроти ДЗС и анализите на Светска банка

Експертите укажуваат дека е многу проблематично да се процени колкава е реалната стапка на невработеност, особено ако се земат предвид структурата, образованието и вештините на невработените лица. Неминовно прашање е дали намалувањето на невработеноста е резултат на вработувањата или на иселувањето. Пред неколку дена Светска банка укажа дека иселувањето е еден од водечките проблеми на земјава и дека од Македонија се иселени половина милион граѓани. Од нив, две третини се работоспособни, а една третина се високостручни, најголем дел од ИТ-секторот.

Светските банкари предупредуваат дека мора да се преземат чекори за да се спречи одливот на таленти од земјава, бидејќи ќе се доведат под ризик целата економија, пазарот на трудот и одржливоста на пензискиот и здравствениот фонд.

– Кога ќе го споредиме одливот на таленти од Македонија со земјите од Источна Европа, 24 земји од Источна Европа, практично Македонија заедно со Ерменија, Молдавија и Босна и Херцеговина се земји од каде што имаме најмногу одлив на високообразован кадар – истакна Бојан Шимбов, економист во Светска банка.

Домашните економисти укажуваат дека бројките што ги објавува ДЗС треба да се земаат со доза резерва, бидејќи се податоци врз основа на анкета и оти ги темелат своите истражувања на попис направен пред 20 години.

– Бројките од анкетата на трудот на Заводот за статистика покажуваат раст на вработувањата и намалување на невработеноста. Но овие податоци се под знак прашалник и не смеат да се земаат здраво за готово, бидејќи податоците се темелат врз попис направен пред 20 години. И токму поради тоа е многу нејасно дали намалувањето на невработеноста се должи на вработувања или, пак, на иселувањето на населението. Во минатото, уште кога имавме друга владејачка гарнитура, сегашните владини претставници, тогаш опозиционери, во истава ситуација, кога беше соопштувано дека се намалува невработеноста, тврдеа дека тоа се должи на иселувањето. Денес не гледаат така на состојбата, туку велат дека падот на невработеноста е резултат на вработувања – вели економистот Здравко Савевски.

Иселувањето клучен фактор

Савевски додава дека секој поединец е свесен дека многу луѓе, било да станува збор за вработени или за невработени, ја напуштаат државата и се иселуваат трајно.
– Ова значи дека намалувањето на невработеноста пред сѐ се должи на иселувањето, не на вработување. Исто така, има разлика меѓу невработените граѓани според податоци на различни институции. Од Агенцијата за вработување има друга бројка, но таму граѓаните пред сѐ се пријавуваат за да добијат здравствено осигурување, а има такви што работат непријавени, но се пријавуваат во агенцијата. Има и граѓани што не се пријавуваат во агенцијата иако не работат, бидејќи се откажале од помислата дека ќе се вработат преку агенцијата – појаснува Савевски.

Според него, ако им се верува на официјалните бројки, има простор за оптимизам, но потсетува дека тие бројки не се соодветни на реалната ситуација во земјава.
– Невработеноста не е намалена, населението е – заклучува Савевски.

Сепак е потребна издржана анализа

Економските експерти укажуваат дека проблемот е многу сериозен и дека е неопходна системска и темелна анализа, но и конечно спроведување на долгонајавуваниот попис на население.

– Неопходна е сериозна економска програма изработена врз основа на попис, која ќе покаже што ни недостига. Со години бараме да се направи економска програма, да знаеме што поседуваме, каков кадар имаме и кон што се стремиме. Проблемот не е лесно решлив, ова е навистина сериозна тема, на која ѝ е потребен сериозен пристап – истакнува Горан Рафајловски, член на Стопанската комора на Македонија.
Тој објаснува дека стапката на невработеност е нереална, бидејќи прво немаме попис и не знаеме колку население има во земјава.
– Сето ова е резултат на лошата економска политика и владеење, кои не можат да се поправат прекуноќ. Сепак, решение мора да се бара, а тоа решение треба да почне да се применува од утре. Мора да истакнеме и дека бројките за невработеност не се реални, многу од невработените работат на сиво, инаку не би можеле да преживеат, ниту пак државата ќе опстоеше со толкава невработеност и со толку голема администрација – додава Рафајловски.

Во анализите на ДЗС се води и посебна евиденција на работоспособно население, од кое дел е активно, а одреден дел е неактивно. Стапката на невработеност и на вработеност се одредува врз основа на активното население. Анкетата на труд од 2018 година за вториот квартал утврдила дека во Македонија има 1.682.533 работоспособни граѓани, од кои 957.471 се активни, а од нив вработени 755.073. Во истиот период за 2019 година за работоспособни се сметаат 1.685.159 лица, од нив активни 962.463, а вработени 794.283 граѓани.

Сепак, и покрај сѐ, мора да се посочи дека невработеноста е на најниско ниво во историјата на земјава, со стапката од 17,5 отсто, но да биде уште подраматично, и оваа стапка на невработеност е над европскиот просек, каде што таа е 6,3 проценти.

Фото: Дарко Андоновски

Вкупно работоспособно и активно население во Македонија
Година/квартал работоспособно активно
население население вработени невработени
2018 1.682.702 957.623 759.054 198.569
2018/II 1.682.533 957.471 755.073 202.398
2019/II 1.685.159 962.463 794.283 168.180