Се модернизира трафостаницата „Дуброво“

143

Започна модернизацијата на трансформаторската станица „Дуброво“, при што ќе биде инсталирана нова опрема. Проектот опфаќа замена на примарна опрема, како прекинувачи, разделници, струјни и напонски мерни трансформатори, и ревитализација на секундарната опрема, која вклучува испорака и инсталација на системи за релејна заштита, далечински надзор…

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески кажа дека овој комплексен проект означува почеток на голем инвестициски циклус во електроенергетскиот сектор, во вредност над 70 милиони евра.

– Со сите овие планирани инвестиции ќе овозможиме стабилен енергетски сектор во Република Македонија. Европската банка за обнова и развој и понатаму останува значаен партнер на Република Македонија, поддржувајќи нè во инвестициите за изградба и реконструкција на електропреносната мрежа, со кредитна рамка што надминува 30 милиони евра – истакна Сугаревски.

Генералниот директор на МЕПСО, Сашо Василевски, рече дека за оваа постројка електроинженерите велат дека е срцето на македонскиот електропреносен систем, и тоа само за себе кажува какво е нејзиното значење.

– Нашата цел е да ставиме нова опрема на местото на сегашната, која е во функција веќе 40 години. Дополнително и многу важно е тоа што овој проект ангажира и домашни ресурси и значаен дел од инвестицијата ќе влезе и во македонската економија, преку ангажманите фирми-подизведувачи, снабдувачи и ангажманите на стручни лица од различни профили – истакна Василевски.

За реализација на проектот на меѓународен тендер, минатата година за најповолен понудувач е избран конзорциумот „Сименс“ од Република Србија и „Сискон“ од Република Македонија. Вредноста на договорот е 4,6 милиони евра, а се финансира од средства на МЕПСО, од кредит од Европската банка за обнова и развој и од грант од Европската комисија.

Ревитализацијата на ТС „Дуброво“ е планирано да трае три години, а со реализација на овој проект ќе се обезбедат зголемена сигурност и доверливост во работењето со високонапонската опрема, мониторинг во реално време, навремено детектирање и превенција на дефекти и оптимализација во управувањето со електропреносниот систем.

Трансформаторската станица „Дуброво“ од системски аспект е еден од најважните енергетски јазли во македонскиот електропреносен систем, затоа што го поврзува најголемиот производствен капацитет РЕК „Битола“ со најголемиот консумен регион Скопје. Во оваа трансформаторска станица се вмрежуваат и интерконективните 400 киловолтни далноводи, кои нашиот систем го поврзуваат со електропреносните системи на Република Бугарија и на Република Грција.

Новиот среднорочен инвестициски циклус во преносната мрежа, кој е вреден над 70 милиони евра, вклучува далновод што ќе ги поврзе електропреносните системи на Република Македонија и на Република Албанија, изградба на нова 400/110-киловолтна трафостаница во близината на Охрид, реконструкција на четири трафостаници од преносната мрежа, набавка на системи за релејна заштита за уште четири други трафостаници и проекти за изградба на шест нови 110-киловолтни далноводи во преносната мрежа. Е.Р.