Се зголемуваат ризиците за економијата

151

Последните макроекономски показатели укажуваат на силни ефекти на пандемијата на ковид-19 врз глобалната и домашната економија. Иако економските основи на среден рок се оценуваат како здрави, сепак, амбиентот во кој се спроведува монетарната политика е променлив, со исклучително висока неизвесност, оценува Народната банка во августовскиот квартален извештај.
– Во однос на изворите на ризици, тие и понатаму се изразено надолни и се речиси целосно поврзани со пандемијата. Во споредба со априлските проекции, ризиците се уште понеповолни, со оглед на понатамошните надолни ревизии на проектираната глобална економска активност, како и исклучително високата неизвесност околу спречувањето на ширењето на заразата, како и ефектот врз економијата. Како што беше нагласено и во април, ризиците и за глобалната и за домашната економија се однесуваат на можното пролонгирање на инфекцијата и на рестриктивните мерки, евентуалната појава на втор бран и повторно активирање на стратегиите за заштита на јавното здравје, како и на промените во однесувањето на економските субјекти во поглед на нивните потрошувачки и инвестициски одлуки – оценува Народна банка.

По олабавувањето на монетарнaта политика во текот на првото тримесечје во два наврата Народната банка во вториот квартал од 2020 година дополнително ја намали основната каматна стапка за 0,25 процентни поени, со што таа се сведе на историски најниското ниво од 1,5 отсто. Покрај тоа, во текот на вториот квартал, на двапати беше намалена понудата на благајнички записи, за вкупно 15 милијарди денари, заради обезбедување поддршка на македонската економија преку одржување на кредитните текови и кредитниот циклус од страна на банкарскиот систем.
Во услови на солидно ниво на девизните резерви и отсуство на инфлациски притисоци, оваа монетарна поставеност беше оценета како соодветна на постојните економски и финансиски движења, кои се под силен удар на пандемијата и рестриктивните мерки за спречување на ширењето на вирусот.

Народната банка очекува дека мерките преземени во првата половина на годината ќе овозможат натамошна соодветна кредитна поддршка на домашната економија од страна на банките, во отсуство на инфлациски притисоци. Девизните резерви се во рамките на очекувањата и се очекува дека ќе се задржат во сигурната зона, а за инфлацијата се оценува дека ќе остане во прифатливи рамки.
Народната банка и во следниот период ќе продолжи со внимателно следење на трендовите и потенцијалните ризици од домашното и надворешното окружување, во контекст на поставеноста на монетарната политика.