Се заострува ли конкурентноста во банкарскиот сектор?

334
Фото: Дарко Андоновски

Со новите банкарски продукти во кои е вклучено и животно осигурување, покрај потребното финансирање корисниците добиваат и заштита на целото семејство преку полисата за животно осигурување

Новина на македонскиот пазар се станбени или хипотекарни кредити заедно со животно осигурување. Сепак, овие продукти не се ништо ново за светот, бидејќи истите тие веќе со години се практикуваат во развиените земји. Предноста на ваквите финансиски производи, според упатените, е обезбеденоста на кредитот со осигурување. Носењето новини во банкарските продукти и воведувањето продукти што досега не биле познати на домашниот пазар, како што велат, секако е знак и за раст на конкурентноста и на потребата да се дојде до повеќе клиенти.

– Нудењето осигурителни полиси заедно со банкарските кредити е новина во Македонија, но веќе воспоставена и разработена практика во светот. Целта на овие проекти е пред сѐ да понудат повеќе различни банкарски продукти со кои ќе привлечат повеќе клиенти. Со овие продукти ќе се понуди нешто ново и поразлично од она што досега се нудело и тоа ќе им помогне на банките да дојдат до повеќе корисници. Секако, во светот овие две фели се одамна споени, односно нудат заеднички производи – изјави Љубе Трпески, поранешен гувернер и професор.
Тој додава дека ваквите продукти се за благосостојба на широката маса корисници на тие услуги, истакнувајќи дека со ваквите понуди ќе се зголеми конкуренцијата и во осигурителните понуди и ќе се намалат цените што ќе биде добро за поголем раст на двете области.

– Ваквите продукти се новина во Македонија, додека во развиените земји одамна се применуваат и таму честопати долгорочните кредити се врзуваат со животно осигурување, бидејќи на тој начин банките се посигурни во својот пласман. Со овие кредити ќе бидат опфатени и повозрасните лица, кои досега поради годините беа оневозможени да користат кредити. Се отвора можност за ширење на бизнисот со осигурувањето, но истото тоа ќе зависи и од едуцирањето на граѓаните и колку ќе им се даде можност тие да го разберат тоа – вели професорот Зоран Ивановски од Факултетот за туризам и менаџмент.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Ивановски истакнува дека во Македонија банките имаат добра банкарска политика и се карактеризираат со добро банкарско работење. Додека кај осигурувањето, во делот на неживотното осигурување компаниите имаат добри пласмани, но животното осигурување сѐ уште е новина за граѓаните и не е доволно прифатено.

– Секаде во светот животното осигурување е неопходно, дури се смета како неодговорност ако некој е неосигурен. Сметам дека ваквите производи ќе имаат добар ефект и за банките, кои ќе бидат посигурни во пласманот на кредитот, но и за осигурителната фела ќе се отвори можност за поголем број клиенти. Ова е на некој начин вин-вин ситуација за двете страни од финансискиот сектор – заклучува Ивановски.

Претседателот на Советот на експерти на Агенцијата за супервизија на осигурување, Климе Поповски, истакнува дека можност да се нуди животно осигурување заедно со станбените или хипотекарни кредити ќе придонесе за дополнително заживување на осигурителниот пазар.

– Ова е нов модел кај нас, банките со кредитот нудат и животно осигурување, продукт што е корисен и за нив и за нивните клиенти. Имено кога се нудат станбени кредити, истите тие се со рок на отплата од 15, 20 и повеќе години, па со животното осигурување се осигурува и нивниот пласман. Банката во случај на смрт на лицето што го позајмило кредитот има начин да го врати и тоа преку животното осигурување. На тој начин се заштитува и семејството на кредитобарателот, бидејќи во спротивно, ќе треба фамилијата да го враќа кредитот. Секако и доколку нема смртен исход, придобивка имаат и банката и клиентот. Ова е на некој начин добар заштитен механизам за сите инволвирани – истакна Поповски.
Во Македонија вакви продукти на пазарот веќе заеднички нудат некои банки и осигурителни компании.

– Поаѓајќи од потребата на граѓаните дека при влегување во кредитен однос најбитни се сигурноста и довербата, воведовме кредити со животно осигурување и на тој начин за граѓаните овозможивме повеќе и посеопфатни производи што нудат погодности и бенефиции од повеќе страни. Покрај потребното финансирање, добиваат и заштита на целото семејство преку полисата за животно осигурување, односно со минимален влог се обезбедува максимална финансиска заштита – велат во една од овдешните банки.