Се заокружува новиот колекторски систем на Пелистер

301
Фото Васка. М. Младеновска

Со децении жителите на Потпелистерието, иако живееја во еколошки најчистата животна средина и го дишеа (нај)чистиот воздух што го „филтрира“ моликата на Пелистер, сепак не беа многу среќни, зашто постојано имаа проблеми со отпадните води. Иронијата да биде поголема, поради нерешениот проблем со канализацијата и загадувањето на планинските водотеци, тие и големиот број посетители на националниот парк Пелистер, мошне често, поради загаденоста не можеа да пијат пивка и здрава пелистерска вода. На најголемиот број од чешмите на Пелистер и Потпелистерието стоеја известувања и предупредувања од Центарот за јавно здравје – Битола, дека поради загаденост водата не е за пиење.

Во таква ситуација речиси сите посетители на Пелистер, кога се качуваа на оваа планинска убавица си носеа со себе вода за пиење од Битола, а жителите од Потпелистерието и покрај многубројните извори и чешми, или си купуваа вода за пиење, или на свој ризик полнеа од некои (не)загадени извори. Тоа навистина е невидена иронија. Да си на Пелистер, да врвиш покрај бистрите планински пелистерски реки и да бидеш жеден, а да не можеш својата жед да ја угасиш со пивка и бистра пелистерска вода, е навистина голема иронија.

Ваквата состојба во голема мера им предизвикуваше огромни проблеми не само на посетителите на националниот парк Пелистер и на жителите во потпелистерските села, Трново и Магарево, туку и на сопствениците на угостителски објекти и на вработените во хотелот „Молика“ и во детското одморалиште „Пелистер“. Но како што стојат работите, по сѐ изгледа дека тоа наскоро ќе биде минато. Националниот парк Пелистер и потпелистерските села ќе добијат колекторско-канализациски систем, кој ќе биде поврзан со пречистителната станица, која ќе се гради кај месноста Црвени Петли. Имено, локалната самоуправа одлучи да вложи значајни сопствени средства за (до)изградба на колекторскиот систем на Пелистер. Деновиве продолжија работите од втората фаза за (до)изградба на колекторскиот систем во Потпелистерието. Екипите на КЈП „Нискоградба“ Битола веќе подолго време работат на изградба на колекторскиот систем од потегот кај црквата „Св. Богородица“ до селото Трново, со што се заокружува една целина на поврзување на каналската мрежа со изведбите што започнаа минатата година.

– Пелистер е нашиот најголем потенцијал за туристички развој. Овој колекторски систем треба да обезбеди да немаме повеќе проблеми со фекалиите во овој крај, да овозможиме заштита на животната средина и инфраструктурни услови што ќе значат сериозен развој на туризмот. Планираме да продолжиме со колекторскиот систем до хотелот „Молика“. На тој начин, во иднина нема да има загадување на водите во Пелистер. Со ова се прави проект, кој на Битола ѝ требаше со години – вели градоначалничката Наташа Петровска, според која, општината Битола годинава ќе вложи 14,5 милиони денари сопствени средства за (до)изградба на канализацискиот систем во Потпелистерието.

Koлекторскиoт систем е со должина од 5,6 километри, со еден испуст од пречистителна станица за пречистените води, кои треба да се спуштат во канал од 600 метри.
– Вредноста на целиот проект е 60 милиони денари, а досега се вложени околу 20 милиони. Со завршувањето на оваа фаза и на испустот ќе остане уште делот на поврзувањето со системот од Детското одморалиште во должина од околу 4,5 километри и со овој колекторски систем ќе биде опфатено целото Потпелистерие – нагласува Методија Силјановски, директор на ЈП „Нискоградба“, која е ангажирана во (до)изградабата на колекторскиот систем.

Инаку, поради немање изграден канализациски систем сите сместувачки капацитети на Пелистер и селата во Потпелистерието немаа(т) канализација и тој проблем го решаваа со изградба на септичките јами, кои не само што ги загадуваа животната средина и планинските водотеци, туку претставуваа постојано потенцијална опасност од предизвикување зарази и цревни заболувања. Анализите на Центарот за јавно здравје во Битола секоја година покажуваа бактериолошки неисправна вода од селските водоводи, но и од јавните чешми на Пелистер.