Се бараат насоки за создавање конкурентен агросектор

95
Фото: Игор Бансколиев

На Македонија, меѓу другото, ѝ недостигаат економски одржливи рурални заедници што ќе придонесат кон развојот на земјоделството

Во земјата има неконзистентна земјоделска политика, а субвенциите не се гаранција за успешен агросектор, кажа професорката Благица Сековска од Факултет за земјоделски науки и храна (ФЗНХ) при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ на меѓународната конференцијата „Насоки за унапредување на земјоделско-прехранбениот сектор во Република Северна Македонија“. Конференцијата, во организација на Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија, се одржа вчера во Стопанската комора на Македонија.
Според Сековска, освен субвенции, треба да се најде начин и со други мерки да се задржат луѓето во селата, при што не треба сите да се занимаваат со земјоделство.
– И натаму остануваат проблемите со неискористените средства од ИПАРД-програмата, тешкотиите во пристап до финансии за фармери, пренамената на земјоделско земјиште во градежно, негрижата за системите за наводнување, недостигот од работна сила и со здружувањето на фармерите – посочи Сековска.

Професорот Ордан Чукалиев од ФЗНХ акцентот го стави на проблемот со образовниот систем, а како проблематични ги посочи нестандардното производство, ниското ниво на специјализација и малите обработливи површини. Во таа насока, Чукалиев констатира дека е потребен советодавен систем за земјоделците, транспарентни и достапни податоци што ќе водат до едукација на земјоделците и унапредување на земјоделството.

Создавањето конкурентен земјоделско-прехранбен сектор, кој ќе ги искористи компаративните предности на нашата земја, бара сеопфатни мерки во низа области, ефективни земјишни политики, финансирање, преструктурирање на земјоделското производство и ефективен пазар. Целта е да се зајакне свеста за македонските земјоделски и прехранбени производи чии имиња се заштитени со оригинални ознаки за потекло, заштитени географски ознаки или за загарантирани традиционални специјалности за да се зголеми нивната побарувачка и да се постигне нивно подобро позиционирање на пазарот.

– На Македонија ѝ недостигаат економски одржливи рурални заедници што ќе придонесат кон развојот на македонското земјоделство и пласман на македонските производи на странските пазари. Посебно внимание треба да се посвети на адаптација кон климатските промени, контролирано управување со водните ресурси, биоенергијата и бидиверзитетот во државата – истакна Јелисавета Георгиева Јовевска, потпретседателка на Стопанската комора на Македонија.

Основен проблем со кој се соочува земјоделскиот сектор, според Никола Деребанов од „Перминдекс“ – Градско, е големината на земјоделските стопанства.
– Во последните десет години се соочуваме со најниски приноси, ниска продуктивност и ниски примања. Се намали и бројот на земјоделски семејства, од 190 на 170 илјади. Во просек од 1,8 до 2 хектари се земјоделските површини по семејство. Тоа е мал процент ако се спореди со регионот. Во Бугарија дури 10 пати е поголем односот, 18 хектари на семејство. Ова го дефинира и проблемот – вели Деребанов.
Тој додаде дека иако во 2011 година беше донесен нов закон за земјоделско земјиште, тој само ја влошил ситуацијата.

– Просекот на земјоделско стопанство е битен и се врзува со обезбедување пристојни примања за едно земјоделско семејство. Пребавната администрација бавно реагира на тековните проблеми. Нерешениот проблем со Законот за наследство и обидите да се спречи раситнување на парцелите нѐ доведоа до ситуација да креираме непродуктивно искористено земјиште – констатира Деребанов.

Конференцијата има цел ставовите и пораките што ги испорачаа домашните и меѓународни експерти да ги дефинираат насоките на идниот развој на агросекторот во државата.
Е.Р.