Секое домаќинство ќе може да произведува и да продава струја

734

Микро и малите претпријатија и домаќинствата може да инсталираат фотонапонски постројки на покрив за производство на електрична енергија што ќе ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот ќе го предадат на системот

Со новиот закон за енергетика, македонските домаќинства можат да произведуваат електрична енергија од сонце и да ја користат за сопствени потреби или да ја предаваат на пазарот, но ќе треба да почекаат уште некој месец. Неопходен е правилникот за обновливи извори на енергија, со кој треба да се дефинираат условите и начинот како ќе се предава енергијата во дистрибутивната мрежа, кој треба да е готов следниот месец.

– Со донесување на новиот закон за енергетика се поттикнува производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Се воведе можност микро и малите претпријатија и домаќинствата да инсталираат фотонапонски постројки на покрив за производство на електрична енергија што ќе ја користат за сопствена потрошувачка, а вишокот произведена енергија ќе му го предадат на системот. Со правилникот за обновливи извори на енергија ќе бидат подетално определени условите и начинот по кои вишокот од произведената енергија ќе се предава во електродистрибутивната мрежа – објаснуваат од Министерството за економија.

Производителите на електрична енергија за да може да ја продаваат, мора да поседуваат лиценца за вршење енергетска дејност, производство на електрична енергија издадена од Регулаторната комисија за енергетика. Со новиот закон за енергетика, како мерки за поддршка на производителите на електрична енергија што користат обновливи извори на енергија се предвидени повластените тарифи и премии. Критериумите, условите и начинот на кој ќе можат овие производители да се стекнат со право на користење некоја од мерките за поддршка ќе бидат утврдени со уредба за мерки за поддршка на производството на електрична енергија од обновливи извори на енергија, со одлука за вкупната инсталирана моќност на повластените производители и со правилник за повластени производители што користат повластена тарифа. Споменатите акти треба да бидат донесени до септември 2018 година.

– Производителите на електрична енергија што немаат статус на повластен производител, односно не користат поддршка, може да им ја продаваат произведената енергија на трговци, снабдувачи со електрична енергија и операторот на електропреносниот систем и операторите на електродистрибутивните системи по цени што не се регулирани. Тие имаат обврска да се регистрираат за учество на пазарот на електрична енергија во согласност со правилата за пазар на електрична енергија и да поседуваат код што го издава МЕПСО – појаснуваат од регулаторната комисија.
Начинот на кој вишокот од произведената енергија од обновливи извори на енергија наменета за сопствена потрошувачка ќе се предава во електродистрибутивната мрежа ќе биде уреден со два подзаконски акта – правилник за обновливи извори на енергија и мрежни правила за дистрибуција на електрична енергија. Со правилникот се пропишуваат условите и начинот по кои вишокот од произведената енергија од обновливи извори наменета за сопствена потрошувачка ќе се предава во електродистрибутивната мрежа. Министерство за економија треба да го донесе правилникот најдоцна до 3 септември 2018 година.

Со мрежните правила за дистрибуција на електрична енергија ќе бидат уредени техничко-технолошките услови, начинот за приклучување и начинот на користење и пристап на електродистрибутивниот систем од корисниците што произведуваат електрична енергија од обновливи извори на енергија за сопствена потрошувачка, како и начинот на кој произведената електрична енергија се предава во електродистрибутивната мрежа.
Операторот на електродистрибутивниот систем треба да ги донесе мрежните правила најдоцна до 5.6.2019 година.

– Со новиот закон за енергетика се создадоа предуслови за либерализација на пазарот, поголема конкурентност на чинителите во енергетскиот сектор, раздвојување на надлежностите на дел од енергетските компании, како и нови форми за поддршка на резиденцијалниот сектор за производство на електрична енергија за сопствени потреби. Интересот е огромен како од домаќинствата, така и од малите и средните претпријатија што имаат можност да го реализираат ова – кажа Владимир Сарач, в.д. директор на Агенцијата за енергетика на Република Македонија.

Тој додаде дека интензивно се работи на донесување на неопходната подзаконска регулатива, која ќе овозможи целосна реализација на мерката со која и домаќинствата и секторот за производство на енергија ќе имаат голема корист.
– Сметам дека со донесувањето на правилникот ќе се овозможи масовно инсталирање фотоволтаици на семејните покриви и користење на електричната енергија за сопствени потреби – додаде Сарач.

Пред 11 години во Македонија е изградена првата еколошка куќа што своите потреби за струја ги добива од сонцето и ветрот. Иако била направена како изложбен проект на компанијата „Сието“ и сопственикот Звонко Марковски, куќата во последниве пет години служи како објект за постојано живеење.

– Ние нудиме персонализирани флексибилни решенија за сопствено изолирано напојување со електрична енергија добиена од сонце и од ветер, за индивидуални и резиденцијални објекти. Досегашната законска регулатива не даваше можност индивидуалните домаќинства да произведуваат електрична енергија од фотоволтаици, а неискористените вишоци да се предадат во дистрибутивниот систем на ЕВН. Но со новиот закон за енергетика тоа се овозможи, а бенефицијата ќе ја почувствуваат и потрошувачите и државата – вели Марковски.


Голем интерес за производство на електрична енергија од обновливи извори

Интересот за искористување на сончевата енергија и другите обновливи извори на енергија во Македонија е голем, посочуваат од регулаторната комисија за енергетика и истакнуваат дека искористеноста на повластените тарифи е голема.
Оттаму додаваат дека вкупната инсталирана моќност за која ќе се применуваат повластените тарифи за купопродажба на електрична енергија произведена од фотонапонски електроцентрали изнесува 16,7 мегавати и таа е целосно исполнета.

– За ветерни електроцентрали вкупната инсталирана моќност за која се применуваат повластените тарифи за купопродажба на електрична енергија изнесува 100 мегавати. Досега инсталираниот капацитет на ветерната електроцентрала „Парк на ветерни електроцентрали Богданци“ изнесува 36,8 мегавати, а пак преостанатата моќност на централата од 13,2 мегавати, втора фаза, е во изградба и се очекува годинава да биде пуштена во употреба. Ветерната електроцентрала „Ветропарк Богословец“ е со планирана моќност од 36 мегавати и треба да биде пуштена во употреба до крајот на 2020 година – посочуваат од РКЕ.

Вкупниот инсталиран капацитет од хидроелектроцентрали изнесува 71,4 мегават, додека 32 хидроелектроцентрали чиј планиран капацитет е 36 мегавати се во фаза на изградба.

Како за фотонапонските електроцентрали, таков е и случајот со термоелектроцентралите на биогас, каде што е исполнета предвидената квота од 7 мегавати.

Интересот е помал за изградба на термоелектроцентралите на биомаса, при што досега не е изградена ниту една централа, а шест се во фаза на изградба.