Северен тек 2 – неодговорени прашања

882

Изминативе години се создадоа низа стереотипи поврзани со енергентите, а особено со природниот гас се раширија „приказни“ зачинети со страв од заговори или конфронтации од регионален, па и поширок карактер. Во продолжение неколку аспекти за прашањата поврзани со гасот, односно со проектот Северен тек 2

Деновиве повторно гасот како енергент, но и како многу значајна повеќеслојна тема, предизвика жолчна дебата кај европските и американските политички, економски и безбедносни аналитичари. Конкретно, гасоводот Северен тек 2 „произведе“ енергична полемика на двете страни од Атлантикот. Во тие жестоки дебати се отворија голем број прашања, се направи обид за расветлување низа дилеми дури и од безбедносен карактер. Навистина, изминативе годиниве се создадоа низа стереотипи поврзани со енергентите, а особено со природниот гас, се раширија „приказни“ зачинети со страв од заговори или конфронтации од регионален, па и поширок карактер. Во продолжение неколку аспекти за прашањата поврзани со гасот, односно со проектот Северен тек 2. И, иако овој проект за реализација е далеку од нашата земја, суштината е преку овој пример да се види колку се битни енергетскиот потенцијал и снабдување не само за државите туку и за континентите и колку политичките визионери грчевито се борат за да им обезбедат просперитет и благосостојба на своите сограѓани, односно на своите национални држави. Но колку, навистина, Европа има потреба од гас?

За разлика од САД, Европа нема големи резерви на природен гас за своите енергетски потреби. Иако денешното европско производство (првенствено од Северно Море, преку Норвешка и Холандија) претставува многу важен извор на природен гас за континентот, тоа рапидно се намалува поради истрошеноста на старите наоѓалишта. Во меѓувреме, побарувачката постојано расте и ќе продолжи да расте во иднина, така што експертите предвидуваат дека на Европа ќе ѝ бидат потребни дополнителни 120 милијарди кубни метри на увозен гас до 2035 година. Ниеден кредибилен експерт не може да го оспорува фактот дека зголемената побарувачка, во комбинација со намаленото домашно производство, значи дека европските потреби за увоз на гас ќе продолжат да растат.

Оттука произлегува дека рускиот природен гас (сино гориво), кој според показателите реално е поконкурентен од оној течниот, има суштинско значење за Европа – без разлика дали тој протекува низ Украина, Полска или под Балтичко Море кон Германија. Преку овие маршрути, Северен тек 2 директно се поврзува со Западна Европа, и тоа без поголеми транспортни ризици. Сепак, не зависи Европа само од руските снабдувачи туку се користи гас и од други извори, вклучувајќи ја Норвешка со увозниот течен гас. Така, Европа планира да продолжи со купување гас од сите споменати снабдувачи и по отворањето на Северен тек 2, имајќи предвид дека ќе расте јазот помеѓу генералната побарувачка и понудата.

Северен тек 1 наспроти Северен тек 2

Постојат низа пресметки и аргументи за ова прашање. Искористеноста на Северен тек 1 во 2017 година изнесуваше 93 отсто, а до овој момент во 2018 година, тој се користи со целосен капацитет. Аналитичарите истакнуваат дека постојат и погрешни тврдења дека сегашниот гасовод Северен тек 1 е недоволно искористен, па затоа не постои реална потреба од Северен тек 2. Според низа показатели, ова е целосна невистина. Откако беше пуштен во употреба, секоја наредна година Северен тек 1 употребуваше сѐ повеќе од своите капацитети, давајќи целосен приоритет на зголемената потреба од гас во Европа, во чие задоволување ќе му помогне Северен тек 2.

Ново политичко оружје на Русија или…

Европскиот пазар на гас се динамизира, модернизира и либерализира во текот на последнава деценија. Северен тек 2 претставува важно проширување на постојните увозни маршрути, а неговата изградба е во целосна согласност со целите на Европската енергетска унија и зајакнувањето на внатрешниот пазар на гас во Европа. Третиот енергетски пакет имплементира добро развиена внатреевропска работна рамка, која му дозволува на гасот да протекува слободно во повеќе насоки од најразлични почетни извори. Сегашниот европски пазар на гас им овозможува на европските потрошувачи да купат гас од кого сакаат, едноставно не дозволувајќи им на снабдувачите да го блокираат пристапот до пазарот. Освен тоа, ако некој снабдувач реши да го прекине дотокот на гас (и да биде соочен со жестоките европски економски казни), постоењето на дополнителни снабдувачки коридори би било гаранција дека сите локации во Европа сепак би биле снабдени со гас преку централниот систем. Со други зборови, аналитичарите ја издвојуваат ваквата информација за да понудат размислување во правец на тоа дека помислата дека Русија би можела да го користи гасот како оружје тешко би можело да биде реална опција.

Како што Европа ги крши копјата за енергетска иднина и евтини енергенти, така треба и Македонија за да обезбеди големи количества природен гас за сигурно снабдување на сите стопански капацитети, како и на домаќинствата, при што може да се очекува и намалување на цената на гасот. На тој начин ќе се зголеми економскиот пораст во земјава и ќе се подобри конкурентноста на македонското стопанство.

Имено, во таквиот контекст тие додаваат дека овој гасовод е комерцијален проект. Тој реално ѝ треба на Европа за обезбедување на сопствената енергетска сигурност по конкурентни цени во наредниве децении. Поддржан е од европски партнери и одобрен од пет западни енергетски компании. Тие компании („БАСФ/ Винтершел“, ОМВ и „Унипер“), како што истакнуваат аналитичарите, не се алатки на некоја странска влада, туку се јавни трговски единки со акционери што очекуваат претпазливо инвестирање. Пазарот наметнува логична економска обврска да се обезбедат сигурна понуда и конкурентни цени на гас за купувачите.

Ќе секне ли протокот на гас низ Украина со Северен тек 2?
Според енергетските аналитичари, мислењето дека Северен тек 2 ќе значи губење на сите транспортни такси што ги наплаќа Украина е очигледно без вистинска основа. Во 2017-та европските потрошувачи увезоа над 170 милијарди кубни метри гас од Русија, од кои 93 милијарди кубни метри влегоа преку Украина, 30 преку Полска и 51 преку Северен тек 1. Оттука, Северен тек 2, со максимален капацитет од 55 милијарди кубни метри, очигледно не може да биде замена за 123 милијарди кубни метри гас што се транспортираат низ Украина и Полска, особено со очекуваната зголемена побарувачка. На Европа и понатаму ќе ѝ треба гас што патува преку украинската гасоводна линија. Освен тоа, Германија и ЕУ се обврзани да го обезбедат местото на Украина како европски партнер за гас. Но адресирањето на целото внимание само кон транспортот на гас низ Украина би било повеќе од неразумно – покрај немањето доволен капацитет за да се задоволат европските потреби, застареноста на украинското устројство и недостигот од нови инфраструктурни инвестиции на „Нафтогас“ доведуваат до сосема спротивен ефект од оној што би значел „енергетска безбедност“.

Цената на гасот

Аналитичарите се децидни дека поради конкурентниот карактер на европскиот пазар, рускиот гас мора да има конкурентна цена и да биде со сигурна испорака, за да може да се натпреварува со другите опции што Европејците ги имаат кога се работи за гас, вклучувајќи ги домашната понуда и гасот од Блискиот Исток, како и течниот природен гас. Треба да се каже дека течниот природен гас, кој бара подолго време за испорака, регасификација и складирање штом ќе пристигне на пристаништето, често не е економски атрактивен како гасот што се транспортира преку гасовод, но овие околности може да се променат со текот на времето, врз основа на принципот на понуда и побарувачка. Северен тек 2 едноставно нуди уште една опција за потрошувачите и ја проширува конкуренцијата. Таквата конкуренција помеѓу снабдувачите помага да се задржи ниската цена, а токму тоа го бара денешниот стабилен пазар на производи.

Што е со заштитата на животната средина и европските еколошки цели?
Пошироката распределба на природен гас во европската енергетска мешавина е предуслов за остварување на климатските цели, а Северен тек 2, според еколозите, ќе обезбедува витален придонес за енергетските цели на ЕУ. На европската нискозагадувачка економија ѝ е потребен гасот како замена за јаглен, со што ќе се заштедат 50 проценти од емисиите на јаглероден диоксид. Користејќи го гасоводот со 55 милијарди кубни метри гас наместо јаглен, на годишно ниво би се заштедиле 160 милиони тони јаглероден диоксид, што е еднакво на вкупната емисија на Шведска, Финска и државите на Балтикот, или емисијата произведена од 30 милиони автомобили. Исто така, во споредба со течниот гас, гасоводот ќе обезбеди целосно еколошки транспорт на природен гас, заштедувајќи притоа и до 44,6 милиони тони јаглероден диоксид (еквивалент на 600-700 танкери за течен гас). Конечно, еколошката атака врз животната средина за време на копнената изградба е минорна, локално лимитирана, а притоа и краткотрајна.

Нови опции

Северен тек 2 обезбедува уште една сигурна маршрута за транспорт на гас низ Европа – ништо повеќе и ништо помалку од тоа. Дополнителниот гасовод значи и повеќе опции за снабдување, поголема конкуренција и подобрена енергетска безбедност, од кои ќе имаат придобивка сите европски корисници на гас и севкупната европска економија, како и полесно остварување на еколошките цели на Европа. Токму затоа се потребни европските инвестиции што веруваат во успешна реализација на овој проект. И Украина и Полска, иако со повеќе забелешки, се заинтересирани за користа од транзитниот пат на гасот низ нивната територија. Но енергетските аналитичари од Европа излегуваат со став дека на Стариот Континент му требаат колку што е можно повеќе сигурни патишта за транспорт на природен гас.


Македонија користи една четвртина од капацитетот на гасоводот

Според Митко Кочовски, претседател на Здружението на металургија при Стопанска комора на Македонија и директор за стратегиско планирање, финансиски инженеринг, економски истражувања, информации и анализи во „Макстил“, најголемата причина за тоа што Македонија плаќа најскап гас во регионот е што капацитетот на гасоводот од 800 милиони нормални кубни метри се користи во најдобар случај со една четвртина, што ги зголемува фиксните трошоци по нормален кубен метар.

– Неразвиената примарна гасоводна мрежа (ја има само од бугарската граница до Скопје) и уште повеќе неразвиената секундарна гасоводна мрежа и достапност до домаќинствата е само уште еден дополнителен проблем. Исто така, проблем е и што гасоводот завршува во Македонија, што значи дека нема можност за намалување на трошоците по основа на негово транзитирање низ системот. Има тука и други локални специфичности врзани за механизмот на формирање на неговата цена, но претходно изнесениве се примарни – објаснува Кочовски.


Јужен тек би можел да донесе пониска цена на гасот

Како што нагласува Кочовски, за Македонија, Јужниот тек би претставувал уште една алтернатива за снабдување со природен гас како значаен енергент за земјата.
– Сепак, сметам дека останува како проблем квантумот на потрошувачката како определувачки чинител за неговата цена, односно енергетска трошковна супериорност во однос на другите енергенти – истакна Кочовски.

Претходно, стопанските комори во Македонија предвидуваа дека со договорот на Јужен тек би се обезбедиле дополнителни количества природен гас, што ќе значат стабилна енергетска иднина на нашата земја. Јужен тек би обезбедил сигурно снабдување со гас на сите стопански капацитети, како и за домаќинствата, со што би се очекувало намалување на цената на гасот. Тогашната процена беше дека до 2030 година потребните количества гас што ќе се обезбедуваат би изнесувале 2,5 милијарди кубни метри.