Свинско месо од Шпанија со вирусот африканска свинска чума

101

Агенцијата за храна и ветеринарство во пратка по потекло од Шпанија утврди присуство на вирусот африканска свинска чума. Вкупната тежина на пратката е 21 тон и 312 килограми, но, според надлежните, не претставува опасност, бидејќи воопшто не е пуштена во промет.

Пратката е внесена во Бугарија и оттаму, преку граничниот премин Деве Баир, во Македонија, и при спроведувањето на превентивната мерка земање примероци од секоја пратка со свинско месо од земјите во кои веќе е прогласена болеста африканска свинска чума е откриен вирусот.

Директорот на АХВ, Зоран Атанасов, посочи дека за пратката ќе ја известат Светската здравствена организација за заштита на животните, како и Европската Унија.
– Продолжуваат превентивните мерки што Агенцијата ги спроведува на терен. Апелираме до граѓаните да не внесуваат производи од животинско потекло во државата, особено од земјите каде што е прогласена болеста африканска свинска чума.

Продолжуваат мерките за забрана за чување свињи на отворено, како и мерката на депопулација во биоодгледувалишта што немаат основни биосигурносни мерки. Продолжува отстрелот на дивата свиња, кој ќе се интензивира од утре, бидејќи и официјално секоја година традиционално на 11 октомври почнува отстрелот на диви свињи – додаде Атанасов.