САД и доделија грант на Македонија од 23 милиони долари

141

Македонија доби 23 милиони долари грант од САД за развојна цел. Договорот е потпишан меѓу Република Македонија претставена од Министерството за финансии и Соединетите Американски Држави претставени од Агенцијата на САД за меѓународен развој, УСАИД.

За оваа цел Македонија ја посети високиот претставник на УСАИД Гречен Биркл.
На потпишувањето во Министерството за финансии, присуствуваа и американскиот амбасадор Џес Бејли и директорот на канцеларијата на УСАИД во Македонија Давид Етбери.

Министерот за финансии Драган Тевдовски, како што информираат од министерството, на потпишувањето истакна дека договорот е особено важен и ја зајакнува соработката со САД кои го поддржуваат напредокот на Македонија на нејзиниот пат напред.

– Средствата се наменети за активности кои ќе овозможат зголемен раст на приватниот сектор, поголема вклученост на граѓаните во носењето на одлуките, зајакнато добро владеење и подобрена кохезија во општеството – истакна Тевдовски.

Заменик помошникот на администратор на УСАИД за Европа и Евроазија, Гречен Биркл изрази верување дека иницијативите ќе помогнат Македонија да го забрза патот кон само-одржливост и евентуалното пристапување кон НАТО и Европската Унија.

– Нашите проекти ќе имаат за цел да ја зајакнат конкурентноста на микро, малите и средните претпријатија, да го подобрат пристапот до финансии, да создадат поедноставено деловно опкружување и да обезбедат поголема енергетска сигурност. За да го промовираме учеството на граѓаните, нашите програми ќе го поддржат јакнењето на граѓанското општество и зголемувањето на професионалноста на независните медиуми. За да го зајакнеме доброто владеење, ќе обезбедиме помош за градење на капацитетите на извршната власт, законодавните тела и националните изборни тела. И на крајот, за да ги зајакнеме врските меѓу заедниците, ќе ги поддржиме активностите што ја подобруваат меѓуетничката интеграција и го зголемуваат вклучувањето на маргинализираните групи во општеството – истакна Биркл.