Русија ја укина забраната за увоз на македонско овошје

122
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Овошјето од Македонија од денеска повторно ќе се најде на рускиот пазар, откако Федералната служба за ветеринарен и фитосанитарен надзор на Руската Федерација целосно ја укина забраната за увоз на коскесто овошје од земјава.
Конкретно, од денеска од државава во Руската Федерација ќе можат да се извезуваат цреши, вишни, сливи, кајсии, праски и нектарини.

Увозот на праски и нектарини од Македонија во Руската Федерација е одобрен, со гаранции од македонските надлежните фитосанитарни служби, дека истите тие потекнуваат од подрачја во кои е утврдено дека нема присуство на габата монилиниа фруктикола.

Забраната за извоз на коскесто овошје во Русија, стапи во сила во август минатата година по потврденото присуство на штетниот организам монилиниа фруктикола во Македонија. Сега оваа забрана се укинува по извршената инспекција од страна на руските федерални служби за фитосанитарен надзор, која се реализира на крајот на април годинава. Инспекторите од руската федерална служба спроведоа детална контрола на функционирањето на целокупниот фитосанитарен систем.

– Оваа одлука е од големо значење за македонските извозници и за зголемување на извозот на земјоделски производи во Русија – се вели во соопштението од македонското министерство за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Руската Федерација е значаен економски партнер за Македонија, а трговската размена помеѓу двете држави бележи значителен пораст. Само во првите месеци од оваа година, за 90 отсто е зголемен извозот на земјоделско-прехранбени производи од Македонија во Русија, споредено со истиот период лани.

Зголемениот извоз од Македонија кон Русија во делот на земјоделско- прехранбените производи се должи, пред сè, на извозот на јаболка, нo тренд на пораст се бележи и кај другите производи што се извезуваат на рускиот пазар.
Интензивирањето на економската соработка и зголемувањето на трговската ќе биде централна тема на наредната седница на меѓувладината комисија за трговско-економска и научно-техничка соработка меѓу двете земји, која ќе се одржи на крајот на септември во Македонија.