Рудникот „Иловица – Штука“ центар на светот и за екологистите и за концесионерот

389

Екоактивистите засега сѐ уште стојат на своите тврди ставови во врска со последиците од стопанисувањето на рудникот, додека од компанијата „Еуромакс ресурсис“ велат дека рудникот за бакар „Иловица – Штука“ ќе биде рудник на можности. Двете страни најавуваат дека треба да постои борба на аргументи и дека треба да се вклучат професори и експертска јавност, во интерес на граѓаните и јавноста и, секако, во интерес на вистината

Во врска со новиот начин и план за стопанисување со рудникот „Иловица – Штука“ и технолошкиот приод на „Еуромакс ресурсис“, за кој вчера пишуваше „Нова Македонија“, каде што концесионерот изјави дека се прави значаен исчекор заради неупотребата на цијанид и сулфурна киселина, екоактивистот Крум Велков во жестока реакција тврди дека „можеби сулфурната киселина нема да се произведува во технолошкиот процес, туку таа ќе се произведува низ процесот“.

– Таа нема да се употребува, туку ќе се „произведува“. Како? Така што со ископувањето на површината и во воздухот ќе избијат т.н. сулфати од типот талиум, кадмиум и арсен, кои по правило се појавуваат секаде каде што има бакар и злато, без исклучок. Во допир со воздух, сулфатите се претвораат во сулфатен оксид, а во допир со вода во сулфурна киселина – објаснува тој.

Во тој контекст, Велков нагласува дека сулфатите се нарекуваат „заспан ѕвер“, кој еднаш „разбуден“ со ископување, убива сѐ живо наоколу. Во врска со употребата на цијанидот, екоактивистот Велков тврди дека дури и да нема цијанид, како резултат од работата на рудникот ќе се појават тешки метали и хемиски супстанции што ќе ги загадат воздухот, водата и почвата, водите ќе имаат намалена пХ-вредност и зголемени концентрации на цинк, алуминиум, арсен, бакар, железо, нитрати, сулфат, сулфурна киселина, комплекси од метали, цијанид, селен, манган, кадмиум и други, сите смртоносни. Воздухот ќе биде загаден од отровна прашина од експлозиите, при ископувањата ќе избијат радиоактивните стронциум и ураниум и ќе биде изградена шестата највисока брана во светот од „чудовишни 276 метри“, четирикратно поголема од браната „Турија“, за која и во студијата на „Еуромакс“ стои дека не е безбедна.

Од друга страна, менаџментот на „Еуромакс ресурсис“, нагласувајќи дека нивното богато искуство со рударството е на светско ниво, го издвојува фактот дека нивните менаџери кумулативно имаат повеќе од 200 години искуство во рударството, што не дозволува нивен несериозен приод, импровизации, или извртување на вистината во јавноста.

– Одговорно тврдиме дека нема да ги загадуваме површинските и подземните води, воздухот и почвата со тешки метали ниту со прашина. Изработената студија за влијанието врз животната средина потврдува дека ќе нема загадување на животната средина, бидејќи ќе ги користиме најдобрите рударски техники за работа на површински коп. Нема да има ширење прашина, ќе се користи вообичаен начин на намалување и спречување на влијанијата на прашината со прскање вода.

Што се однесува до тврдењето на „Еуромакс ресурсис“ дека од бакарниот концентрат ќе се добивало злато, и тоа по преработка во Бугарија, екоактивистот Крум Велков вели дека за тоа нема никаква економска логика, затоа што за да се транспортираат тие енормни количества руда во Бугарија, потребни се повеќе од 2.000 камионски тури дневно, што е невозможно да се оствари.

Но од „Еуромакс ресурсис“ излегуваат со бројки и информација различна од процената на екоактивистот.

– Ќе произведуваме бакарен концентрат со примеси на злато, но нема да произведуваме злато или бакар на теренот во Македонија. Бакарниот концентрат ќе се транспортира во топилница во Бугарија, користејќи 20-30 нормални камиони дневно. Концентратот ќе се преработува во Бугарија, каде што како производ ќе добиеме бакар и мали количества злато – објаснуваат оттаму.

Во врска со тврдењето на „Еуромакс ресурсис“ дека прашината ќе ја „неутрализираат“ со вода, екоактивистот Велков реагира дека тоа се чини сѐ уште неверојатно, бидејќи се работи за 10.000 тони прашина дневно, за кои се потребни енормни количества вода, а компанијата нема обезбедено вода за главниот проект.

Од концесионерот на рудникот „Еуромакс рисорсис“, во врска со употребата на водата едноставно велат дека во целост ќе постапат во согласност со законската регулатива, според која тие се трети корисници за употреба на водата, односно предност имаат населението и земјоделството.

Екоактивистите засега сѐ уште се на своите тврди ставови во врска со последиците од стопанисувањето на рудникот, додека од компанијата „Еуромакс ресурсис“ велат дека рудникот за бакар „Иловица – Штука“ ќе биде рудник на можности.

Двете страни најавуваат дека треба да постои борба на аргументите и дека треба да се вклучат професори и експертска јавност, во интерес на граѓаните и јавноста и, секако, во интерес на вистината.


Немаше кворум за гласање за измените на Законот за минерални суровини

На собраниската седница не се гласаше за измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини поради немање кворум за работа, а измените беа предложени од неколку пратеници и поддржани од повеќе невладини организации.
На седницата биле присутни 96 пратеници, освен 15 пратеници, сите други ја напуштиле собраниската сала и со тоа ја прекинале работата на парламентот и не ги изгласале предложените измени, вели Ангел Наков, претседател на здружението „Спас за нас“.
Пратеничката Лилјана Поповска од ДОМ ги образложи измените посочувајќи дека се предвидува забрана за употреба на цијанид и сулфурна киселина при процеси на лужење и флотација на металични минерални суровини во рудници со отворен коп и дека исклучок се концесиите за експлоатација на металични минерални соли на веќе постојните рудници.
– Веруваме дека на ваков начин обезбедуваме заштита на животната средина од ризични постапки во случаи на рудници на металични минерални суровини, кои се со сиромашни руди и кои применуваат ризични технологии и постапки – истакна Поповска.
Пратеникот Илија Николовски од СДСМ напомена дека не се согласува со предложените измени, и кажа дека со работата на рудниците не се загрозува животната средина и се почитуваат еколошките стандарди.