Родовата нееднаквост на пазарот на трудот создава загуби во БДП

153
Фото: Игор Бансколиев

Истражувањата на Светска банка покажуваат дека во Македонија само 45 проценти од жените на возраст од 15 до 24 години се вработени или се обучуваат, а околу 60 проценти не прават ништо, иако имаат соодветно образование и квалификации

Последната анализа на Светска банка укажува дека дури 15 проценти изнесуваат загубите во бруто-домашниот производ на Македонија поради родовата нееднаквост и малото учество на жените на пазарот на трудот.

Од Светска банка исто така укажаа на фактот дека само 45 проценти од жените во Македонија на возраст од 15 до 24 години се вработени, и дека истите тие се помалку вреднувани од мажите.
Од Светска банка оценуваат дека доколку се зголеми вработувањето на жените и се искористат нивните вештини и квалификации тогаш тоа сигурно ќе се одрази и на зголемувањето на БДП.

– Многу е тешко да се пресмета колкав би бил растот, но зголеменото учество на жените во економската активност позитивно влијае врз економскиот развој – истакна Марко Мантованели, директор на канцеларијата на Светска банка во Скопје на денешната презентација на работилницата „Градење сознанија за инклузивен раст и создавање работни места во Западен Балкан“.

Истражувањата на Светска банка покажуваат дека во Македонија само 45 проценти од жените на возраст од 15 до 24 години се вработени или се обучуваат, а околу 60 проценти не прават ништо, иако имаат соодветно образование и квалификации.
Некои од причините за ваквата состојба претставниците на Светска банка ги гледаат во тоа што жената е онаа што сѐ уште ги чува децата или се грижи за старите лица во семејството и нема време да се вклучи на пазарот на трудот.

– Во Македонија има ограничена достапност на услуги по прифатливи цени. Постои потреба од формални услуги за грижа за децата, а во поглед на обезбедувањето грижа за повозрасните лица постојат многу малку домови и дневни центри, кои би им ја олесниле грижата на жените. Дури има и инструмент на одвраќање да се користи ваков вид грижа за повозрасни лица бидејќи има општествено наметнато мислење дека децата треба да се грижат за родителите – вели Ана Марија Муњоз Буде, експертка за социјални науки на Светска банка.

Истражувањата покажуваат дека жените потешко наоѓаат работа и нивниот труд не е еднакво вреднуван како на мажите дури и кога имаат поголеми квалификации од нив. Е.Р.