Ризичните кредити ѝ пресудија на Еуростандард банка

483
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дозволата за работа на Еуростандард банка АД Скопје ѝ беше одземена, како што посочија надлежните, поради исполнување услови за отворање стечајна постапка. Услов за стечајната постапка значи дека банката повеќе не била солвентна, односно стапката на адекватност на капиталот била пониска од една четвртина од пропишаната во Законот за банки.
Упатените укажуваат дека со процена на адекватноста на капиталот, регулаторот проценува дали банките можат да ги исплатат доспеаните обврски.
– Коефициент на адекватноста на банката е капиталот што го вложиле акционерите кога истиот тој ќе се стави во корелација со ризично пондерираната актива. Критериумите на Народна банка ги одредуваат сите средства што се пласираат како кредити, кои всушност претставуваат активата на банката, се проценува ризикот на кредитите и има законски минимум колку тој коефициент треба да изнесува.

Еуростандард банка паднала под пропишаниот минимум и доколку не го докапитализира истиот тој не може да работи понатаму. За сите кредити што се издаваат се проценува степенот на ризичност, на пример ако се пласираат како кредити на државата, се сметаат за неризичен пласман. Но ако клиентите доцнат со враќање на кредитите, се ставаат во ризична група, ако доцнат многу, се зголемува степенот на ризикот на тој кредит – објаснува поранешен банкар, кој сакаше да остане анонимен.
Во согласност со појаснувањата, главна причина за затворањето на банката е податокот дека истата таа имала пласирано голем број ризични кредити, парите што ги пласирале во кредити не се враќала навреме и на тој начин се намалувал капиталот на банката. Со самото пласирање на средствата, но не и нивно враќање се намалуваат расположливте средства на банката, дополнува нашиот соговорник и посочува дека на тој начин нејзиниот капитал се намалува, банката станува неликвидна или се намалува нејзината адекватност.

Во согласност со членот 65 од Законот за банки, секоја банка е должна да одржува стапка на адекватноста на капиталот, која не може да биде пониска од 8 проценти. Сопствените средства на банката се дефинирани и предвидено е редовниот основен капитал да не биде понизок од 4,5 отсто од активата пондерирана според ризиците (стапка на редовен основен капитал), потоа основниот капитал не смее да биде понизок од 6 отсто од активата пондерирана според ризиците (стапка на основен капитал) и стапката на адекватност на капиталот не смее да биде пониска од 8 проценти од активата пондерирана според ризиците.

– Гувернерот може да пропише повисоки стапки од пропишаните за една или повеќе банки во земјата, доколку тоа е потребно поради природата, видот и обемот на активностите што ги врши банката и ризиците на кои е изложена како резултат на тие активности, вклучувајќи ги и ризиците што произлегуваат од макроекономското опкружување. Наједноставната дефиниција, која ќе биде разбирлива за широката маса читатели е дека стапката на адекватност на капиталот се влошува преку лоша процена на кредитниот ризик.

Кога банката одобрува кредит, на истиот тој во согласност со категоризацијата на клиентот му одредува степен на ризик на тој кредит и врз база на овој степен на ризик банката издвојува одреден износ за резерва во согласност со методологијата на Народната банка. Реалниот проблем, односно влошување на оваа вредност на адекватност на капиталот, настанува кога кредитот не се враќа редовно, односно е поризичен отколку што е иницијално проценет и банката за тој кредит е потребно да издвои да речеме 20 отсто резервации – појаснуваат банкарите.


Дополнителни мерки од Народната банка кон Еуростандард

Започнувајќи од 2013 година, Народната банка изрекувала мерки кон Еуростандард банка и за неа важеле повисоки супервизиски стандарди од пропишаните во Законот за банки.
– На 31 март 2019 година, со вонтеренско следење Народната банка утврдила значаен износ на неиздвоена исправка на вредност, која резултирала со поткапитализираност на банката. Со решение на гувернерот на Народната банка од 15 мај 2019 година, Еуростандард банка била задолжена да достави План за подобрување на состојбата. Една од клучните мерки во Планот за подобрување на состојбата, била докапитализација за достигнување повисока стапка на адекватност на капиталот, односно достигнување заштитен слој за зачувување на капиталот од 2,5 отсто до крајот на 2019 година – стои во решението за укинување на дозволата за работа на банката.

Посочено е дека поради непочитување на супервизорските стандарди и неусогласености со Законот за банки и подзаконската регулатива, Народната банка од 12 август 2019 година ги зајакнала изречените корективни мерки со ограничување на кредитните активности на банката. Од 4 февруари 2020 година банката била задолжена да спроведе Ревидиран план за подобрување на состојбата на банката за периодот 2020-2021 година. Од 22 мај 2020 година им биле изречени дополнителни мерки за ограничување на кредитирањето физички лица, наложување секој нов депозит да се пласира во висококвалитетна актива и забрана за вршење трансакции што значат директна или индиректна исплата на депозити на акционери и поврзани лица.

– Со решение на гувернерот од 1 јуни 2020 година е повлечена согласноста за извршување на финансиските активности, кои банката може да ги врши доколку износот на сопствени средства е помал од 560 милиони денари. Во извештајот за стапка на адекватност на капиталот, со состојба 30 јуни 2020 година за Еуростандард банка, оваа стапка изнесувала 5,55 отсто при ниво на сопствени средства од 326 милиони денари. На 13 јули 2020 година, банката го доставила извештајот од Одборот за ризици, разгледан и усвоен на 179-та седница на Надзорниот одбор каде што адекватноста на капиталот има негативна вредност. Во согласност со последните податоци, преку вонтеренско следење на банката, Народната банка утврдила неиздвоена исправка на кредитното портфолио во вкупен износ од 546 милиони денари и со вклучувањето на оваа вредност на неиздвоена исправка, со состојба на 30 јуни 2020 година, сопствените средства биле во негатива од -220 милиони денари, а стапката на адекватност на капиталот изнесувала негативни -4,14 проценти. Со решение на гувернерот на Народната банка од 12 август 2020 година е донесено решение за отворање на стечајна постапка во Еуростандард банка АД – се посочува во решението.


Нивото на адекватност на капиталот кај македонските банки

Капитал банка АД Скопје (23,17 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Стопанска банка а.д. Битола (18,90 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Комерцијална банка АД Скопје (17,62 отсто), финансиски извештај од 30.6.2020
Халкбанк АД Скопје (17,45 отсто), финансиски извештај од 30.6.2020
ТТК банка АД Скопје (16,93 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Силк роуд банка АД Скопје (16,83 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
НЛБ банка АД Скопје (16,7 отсто), финансиски извештај од 31.12.2018
Шпаркасе банка Македонија АД Скопје (16,5 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Стопанска банка АД – Скопје (16,3 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Охридска банка АД Скопје (16,12 отсто), финансиски извештај од 30.6.2020
Централна кооперативна банка АД Скопје (16,03 отсто), финансиски извештај од 31.12.2018
УНИ банка АД Скопје (14,46 отсто), финансиски извештај од 31.12.2019
Прокредит банка АД Скопје (13,74 отсто), финансиски извештај од 30.6.2020
Еуростандард банка АД Скопје (5,55 отсто), финансиски извештај од 30.6.2020 Реално ниво на стапка на адекватност на капиталот по спроведена вонтеренска супервизија од Народната банка (-4,14 отсто).