РЕК „Осломеј“ повторно во погон

333

Од утринава РЕК „Осломеј“ повторно е ставена во погон и во моментов работи со капацитет од 100 мегавати. За потребите на комбинатот обезбедени се 200.000 тони јаглен на депонија и според дневната потрошувачка од 3.000 тони, овие количества јаглен гарантираат работа на електраната во наредните 70 дена, што е добредојдено поради намалените количества на електрична струја, поради сушата, што во моментов се добива од хидроелектраните.

– Целокупното количество на јаглен од над 200.000 тони ги обезбедивме благодарение на инвентивноста на вработените во рудникот, беа искористени оние делови од јагленокопот, каде што досега не се експлоатираше оваа сировина, поради некои објекти или можни свлечишта. Инаку ова е најдолгото вклучување на електраната во системот, а последен пат РЕК „Осломеј“ беше во погон во текот на пролетта, кога работеше околу 20 дена. За наредната календарска година планираме да обезбедиме поголеми количества на јаглен со што ќе овозможиме подолг период на работа на електраната и ќе обезбедиме подолга испорака на електрична енергија на нашиот електроенергетски систем – информираа од комбинатот.

З.А.