Регистрирани 10 милиони заболени, светската економија на стрмна удолница

143

Светската економија очекува пад од 4,9 проценти годинава: многу повеќе од прогнозата од три проценти во април, во екот на пандемијата, кога ММФ веќе предупредуваше дека ова е најлошата криза од големата економска криза од 1930-тите. Во некои земји, особено во европските, бруто-домашниот производ падна надолу со двоцифрена бројка. На пример, во Франција се намали за 12,5 проценти, во Шпанија и во Италија за 12,8 проценти. Иако се очекува светскиот БДП да порасне за 5,4 проценти во 2021 година, ММФ признава дека оваа прогноза е најнеизвесната досега

Дали е на повидок најголемата криза од времето на Големата депресија

Во светот веќе се регистрирани над 10 милиони луѓе заболени од ковид-19, а економските прогнози воопшто не се розови: пандемијата од коронавирусот не престанува, згора на тоа, навестува недели и месеци што ќе бидат мрачни за планетата. Мајкл Рајан, директор на службата за итни случаи при Светската здравствена организација (СЗО), неодамна забележа дека постои „постојан и загрижувачки тренд, со голем број земји што имале пораст од 25 отсто на 30 отсто само изминатата недела“.
– Епидемијата се шири брзо низ американскиот континент, особено во централниот и јужниот дел на Америка. За жал, пандемијата сè уште не го достигнала врвот во многу земји од американскиот континент – додаде тој.
Генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејус, на истата виртуелна конференција изјави дека на организацијата „ѝ се пријавени помалку од 10.000 случаи заболени во првиот месец од епидемијата. Речиси 4 милиони случаи се пријавени минатиот месец. Очекуваме да достигнеме вкупно бројка од 10 милиони следната недела“.

Тој ја пофали одлуката на саудиските власти за одобрување на аџилакот во Мека само за илјада луѓе, притоа истакнувајќи дека тоа е „уште еден пример на тешка одлука што сите земји мора да ја донесат за да му дадат приоритет на здравјето“.
Според процената на „Франс прес“, врз основа на официјални извори, новата пандемија на коронавирусот била фатална за најмалку 504.000 луѓе во светот, откако Кина во декември минатата година прогласи епидемија. Во 196 земји и територии, официјално се дијагностицирани повеќе од 10.267.000 случаи на ковид-19, а експертите се согласуваат дека бројот секако е помал од реалниот.

Економистите на СЗО ги ревидираа своите процени за ефектите
од вирусот

Економистите на СЗО ги ревидираа своите процени за ефектите од вирусот врз светската економија. ММФ предупреди дека оваа криза „не е како другите“ и не само што е многу полоша од предвиденото туку закрепнувањето ќе биде побавно од очекуваното. Така, светската економија очекува пад од 4,9 проценти годинава: многу повеќе од прогнозата од три проценти во април, во екот на пандемијата, кога ММФ веќе предупредуваше дека ова е најлошата криза од големата економска криза од 1930-тите.
Во некои земји, особено во европските, бруто-домашниот производ падна надолу со двоцифрена бројка. На пример, во Франција се намали за 12,5 проценти, во Шпанија и во Италија за 12,8 проценти. Иако се очекува светскиот БДП да порасне за 5,4 проценти во 2021 година, ММФ признава дека оваа прогноза е најнеизвесната досега.
Во некои европски земји, кои по поволните здравствени статистики сметаа дека се извлекле од кризата, оптимизмот исчезнува и се појавува сеништето на вториот бран, уште поточно нов врв на првиот бран. Во Словенија повторно е задолжително носење маска на јавните места и во јавниот превоз. Во Хрватска повторно е воведен карантин, кој беше укинат, за патници што доаѓаат од балканските земји, каде што бројот на заразени лица повторно се зголемува.

Прославите и јавните собири „ги загрозуваат месеците на заеднички напори“ инвестирани во борбата против коронавирусот, предупреди белгиската премиерка Софи Вилмс. САД, со 330-милионско население, имаат најлоши показатели во апсолутна смисла: повеќе од 128.000 мртви и 2,6 милиони болни.
– Следните две недели ќе бидат клучни, како одговор на „загрижувачката“ прогресија на болеста – предупреди Ентони Фаучи, главен епидемиолог на Белата куќа, велејќи дека е загрижен што повеќе од 32.000 случаи на инфекција биле дијагностицирани во вторникот за само 24 часа.

Ќе се соочиме со најголемата криза од времето на Големата депресија

Меѓународниот монетарен фонд објави прогноза за развојот на светската економија и во неа се наведува дека светскиот БДП би паднал за 4,9 проценти на крајот од годинава, а во САД за 8 проценти и во еврозоната за 10,2 проценти.
– Статистиката на ММФ покажа дека, според историските стандарди, падот ќе биде поголем од вкупните загуби на финансиската криза 2008-2010 година и ќе биде аналогно на последиците од Големата депресија во 1930-тите години минатиот век – истакна Шостак.
Според него, годинава вкупните загуби на светската економија би достигнале повеќе од 12 илјади милијарди долари.
– Неверојатна бројка, имајќи предвид дека пред една година никој не можеше да замисли дека би се случиле ваква катаклизма и вакви загуби – рече тој.
Експертот истакна дека, според очекувањата, светската трговија би паднала за 12 проценти.

– Меѓународната трговија, која пропаѓа, со прекин на снабдувачките синџири, значително ќе го спречи закрепнувањето како на развиените економии, така и на оние во развој – објасни тој.
Не е исклучено оваа прогноза да се ревидира, смета инвеститорот.
– Прогнозата на ММФ крие ризици од преценување, но исто така ја потценува и сериозноста на состојбата – објасни соговорникот на агенцијата.
Според него, веста за развој на вакцината и третманот од коронавирусот може да ги поттикне и подобри мобилноста на населението и потрошувачката, да го расчисти патот за брзо финансиско закрепнување, додека, од друга страна нови, бранови на ширење од вирусот можат да го погребаат овој кршлив раст. Р.Н.М.