Раст на невработеноста во ЕУ

91
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Евростат проценува дека 14,3 милиони жители во ЕУ, од кои 12,1 милиони во еврозоната, биле невработени во мај 2020 година. Во однос на април 2020 година, бројот на невработени лица се зголемил за 253 илјади луѓе во Унијата и за 159 илјади во еврозоната

АНАЛИЗА НА ЕВРОСТАТ

Во текот на мај 2020 година, трет месец во кој се применуваат мерките за ограничување на движењата поради ширењето на ковид-19, во повеќето земји-членки на Унијата, како и во еврозоната, сезонската стапка на невработеност изнесувала 7,4 отсто, што претставува зголемување од 7,3 проценти, колку што достигнала во април 2020 година. Стапката на невработеност во Европската Унија (ЕУ) изнесувала 6,7 отсто во мај 2020 година, од 6,6 проценти во април 2020 година. Податоците ги објави Евростат, завод за статистика на Европската Унија.
Во Македонија, последните податоци за невработеноста во земјава објавени од Државниот завод за статистика велат дека стапката на невработеност достигнува 16,2 отсто и тоа за првото тримесечје од 2020 година.

– Според податоците на Државниот завод за статистика, во првото тримесечје од 2020 година, активното население во Република Северна Македонија изнесува 967.733 лица, од кои вработени се 811.106, а 156.627 лица се невработени. Стапката на невработеност во овој период изнесува 16,2 проценти – се наведува од ДЗС.
Евростат проценува дека 14,3 милиони жители во ЕУ, од кои 12,1 милиони во еврозоната биле невработени во мај 2020 година. Во однос на април 2020 година, бројот на невработени лица се зголемил за 253 илјади луѓе во Унијата и за 159 илјади во еврозоната.
Според податоците на Агенцијата за вработување во Македонија само во месец јуни без работа останале 3.656 граѓани, а притоа најголем дел од отпуштените работници доаѓаат од производствениот сектор, по што следуваат трговија на големо и мало и угостителство. Податоците на Агенцијата укажуваат дека од почетокот на кризата, поточно од месец март до крајот на јуни, без работа останале над 19 илјади граѓани.
Евростат прави детална анализа и на растот на невработеноста во согласност со годините и половата припадност.

– Невработеноста кај младите во Унијата, под 25 години, во текот на месец мај достигнала 2,8 милиони, од кои 2,2 милиони биле во еврозоната. Во овој месец, стапката на невработеност кај младите изнесувале 15,7 проценти во ЕУ и 16 отсто во еврозоната. За споредба со претходниот месец, невработеноста кај младите изнесувале 15,4 отсто и 15,7 проценти. Споредено со април 2020 година невработеноста меѓу лицата под 25 години се зголемила за 64 илјади во ЕУ и 42 илјади во еврозоната – наведува Евростат.
Анализата на Евростат забележува разлики меѓу невработеноста кај мажите и жените, при што за месец мај 2020 година, стапката на невработеност кај жените изнесувала 7,2 отсто во ЕУ и бележи раст од 6,9 проценти, колку што изнесувала во април 2020 година. Стапката на невработеност кај мажите, пак, била 6,4 отсто во мај 2020 година.
– Во еврозоната, стапката на невработеност кај жените се зголеми од 7,7 проценти во април 2020 година на 7,9 отсто во мај 2020 година додека таа остана стабилна на 7 отсто кај мажите.

Процените се засноваат на глобалната дефиниција на Меѓународната организација на трудот за невработеност, со која невработени се лица без работа, кои четири недели активно бараат работа и се достапни за да започнат со работа во текот на следните две недели. Мерките на затворање наметнати за сузбивање на ковид-19 од март 2020 година предизвикаа нагло зголемување на бројот на побарувања бенефиции за невработеност низ ЕУ. Сепак, во исто време, значителен дел од оние што се регистрирале во агенциите за невработеност повеќе не барале активно работа, на пример повеќе не барале работа поради мерки за сузбивање на пандемијата или, пак, не биле достапни за работа бидејќи треба да се грижат за своите деца – се наведува во извештајот на Евростат.
Домашните економски експерти укажуваат дека растот на невработеноста во земјава започнал уште пред корона-кризата и дека се неопходни активности за нејзино сузбивање.

– Бројот на нeвработeни нe сe зголeми само во март и април, туку тој сe зголeмувашe и прeд кризата. Во јануари и во фeвруари сe зголeми нeвработeноста за 2.700 во однос на дeкeмври 2019 г. Намалувањe на eкономската активност, а со тоа и зголeмувањe и на нeвработeноста и на сиромаштијата ќe има и поради намалeна eкономска активност во зeмјата и поради eкстeрни фактори. Во ситуација на криза, капиталот e прeтпазлив кога станува збор за нови инвeстиции и затоа државата трeба да ги поттикнe инвeстициитe. Трeба започнувањe јавни работи, а трeба и пополнувањe на испразнeтитe мeста во јавниот сeктор што со години остануваа нeпополнeти како лeкари, инспeктори за труд, шумарски работници… – вели професорот Здравко Савески.