Расте приливот на девизи од туризмот

73
Фото: Игор Бансколиев

Во третиот квартал на 2019 година е регистриран поголем девизен прилив од туризмот за 4,77 отсто, за разлика од истиот периодот минатата година, соопштуваат од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот (АППТ). Вкупниот девизен прилив во првите три квартали од оваа година изнесува 308,05 милиони долари, што е за 3,03 отсто повеќе споредено со 2018 година.

Од агенцијата посочуваат дека во тековната година девизниот прилив од туризмот ќе достигне 400 милиони долари што е за 5 проценти повеќе од минатата година.
– Долгорочен и одржлив развој на туризмот е стратегијата на агенцијата, која се практикува преку промоција на туристичките содржини на земјава во странство и поддршка овозможена преку различни проекти во земјава. Податоците за месец октомври 2019 година покажуваат пораст на странските туристи за 19,3 отсто и 11,3 на домашните споредено со истиот период во 2018 година. Бројот на ноќевања го следи истиот позитивен тренд и десеттиот месец од годинава е во пораст за 9,6 отсто за разлика од лани, додека првите 10 месеци од 2019 бележат раст од 2,4 проценти во споредба со истиот период минатата 2018 година – е наведено во соопштението на АППТ.

Оттаму додаваат дека промоцијата и поддршката на туризмот помагаат во исполнување на нивниот стратегиски план, со кој се очекува раст од 5 до 7 отсто на бројот на туристите и ноќевања, односно надминување на бројката од 1,3 милион туристи и приближно 4 милиони ноќевања.

Во последниот извештај за туризмот, кој го објави Државниот завод за статистика, се наведува дека бројот на туристите во октомври 2019 година изнесувал 97.347, а бројот на ноќевањата достигнал 200.027. Со ова утврдиле дека бројот на туристите во октомври 2019 година, во однос на октомври 2018 година, е зголемен за 16,9 отсто, а бројот на ноќевањата е зголемен за 9,6 отсто. Во периодот јануари – октомври 2019 година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на туристите е зголемен за 4,5 проценти, додека вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 2,4 отсто.