Расте побарувачката на органски производи во Македонија

874

Во Република Македонија сточарството, а пред се овчарството, козарството и говедарството се гранки кои во изминатите неколку децении не доживеале позначаен развој, било во промената на расовиот состав или пак во користење современи техологии на сточарење.

Кај нас се одгледуваат во најголем дел животни кај кои доминира генетиката од автохтони раси кои со векови се одгледувале на овие простори во скромни зоотехнички услови, кои предвидуваат користење во најголем дел на природната паша како најголем извор на храна и сено во зимскиот период кога нема услови за пасење.

– Ваквиот начин на производство во најголем дел соодветствува со барањата на Законот за органско производство и затоа полесен е преодот од конвенционално во органско сточарење. Постојат многу успешни органски фарми на кои се одгледуваат животни каде со применување на добра традиционална технологија и многу труд, се постигнуваат доста позитивни резултати. Таква е фармата на Усин Алиов лоцирана на јужната страна од планината Плачковца во село Коџалија, радовишко. Исто така заслужува внимание да се издвои како позитивен пример како треба да се одгледуваат овци, согласно правилата за органско производство и компанијата „АГРО ЧУКА“ од Пехчево. На оваа фарма може да се види како од една наша автохтона раса овци-Овчеполската раса, со добро менаџирање на ресурсите може да се постигне млечност која отскокнува по принос и од млечноста која се постигнува на конвенционално менаџираните фарми- објаснува Горан Колев.

Тој смета дека потребите од фуражна зрнеста и кабаста храна го повлекува развојот на сертифицираните површини под житни и фуражни култури кои се најмногу застапени. Следуваат и површините под угар или зелено ѓубрење, кои пак произлегуваат од барањето земјоделците да ги менуваат културите што ги одгледуваат по време и место, односно да ги одмараат површините.

-Сметам дека веќе поголем број чинители од агро бизнисот ја согледаа бизнис можноста во органското производство, што укажува на фактот што веќе се поголем број сериозни компании го конвертираат своето производство кон органско. Во земјоделските аптеки веќе се јавуваат одделни рафтови со органски инпути, во менијата на полуксузните угостителски објекти се нудат органски производи па дури и туризмот бележи напредок со тоа што веќе постојат аранжмани кои предвидуваат посета на органски фарми –заклучува Горан Колев од „Процерт“-сертификациско тело кое е акредитирано и овластено за сертифицирање на органски производители.

Ми.М.