Расте задолженоста, но и заштедите на граѓаните и на компаниите

161
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Последните години се забележува дека има поголем раст на кредитирањето на населението отколку на компаниите и добро е кога растат кредитите за граѓаните, сметаат експертите. Битно е, според нив, тој процес да не запре

Продолжува растот на кредитите и на депозитите кај граѓаните и кај компаниите во Македонија. Извештаите на Народната банка покажуваат дека континуирано се бележи раст и на кредитите и на депозитите во банките, а ова, според поранешните гувернери, е позитивен показател и покрај очекуваниот висок пад на економијата за оваа година.
– На годишна основа, вкупните депозити бележат пораст од 5,5 отсто, како резултат на зголемувањето на депозитите кај двата сектора, со поголем придонес на секторот „домаќинства“. Годишната стапка на раст на кредитите изнесува 6,7 проценти и е под влијание на зголеменото кредитирање на двата сектора, со повисоко учество на секторот „домаќинства“ – се наведува во извештајот на НБРСМ.

Пожелно е да продолжи растот на кредитирањето

Овие проценти, според поранешниот гувернер Петар Гошев, се позитивен знак и покрај случувањата со пандемијата и нејзиното влиание врз економијата.
– Растот на кредитирањето и на депозитите е позитивен знак. Последните години се забележува дека има поголем раст на кредитирањето на населението отколку на компаниите и добро е кога растат кредитите за граѓаните. Битно е тој процес да не запре. Значи дека и понатаму имаме економска активност и граѓаните добиваат плати навремено поради што имаат основа да добијат и да го вратат кредитот. Без оглед што се очекува годинава економијата да падне за речиси пет проценти, сепак, континуираниот раст на кредитите и на депозитите покажува дека и понатаму граѓаните имаат приливи. Свесни сме дека државата се задолжи и токму една од целите на задолжувањето беше да се обезбедат средства за редовна исплата за граѓаните, што се гледа преку кредитната активност. Дефицитот го дополнуваме со заем што треба да се враќа во иднина и тој долг е пренасочен кон фирмите и граѓаните, односно средствата што беа позајмени се исплатени како плати и помош за компаниите, поради што и понатаму граѓаните примаат плати и се кредитоспособни, што се манифестира низ растот на кредитите и депозитите – вели Гошев.
Тој исто така појаснува дека оваа состојба е сигурен показател оти сѐ уште има граѓани со вишок пари.

– Очигледно има одредени граѓани што не ги трошат сите средства и дел од нив успеваат да заштедат. Но има и такви што имаат потреба од пари, а ги немаат, па најдобар начин да ги добијат е преку заеми од банките, кои, пак, ги издаваат заштедените пари од граѓаните. Дури и нефункционалните кредити во земјава не растат како порано, напротив има стагнација, што е уште еден показател дека кредитите добро се враќаат – дополнува Гошев.

И задолжувањето на државата бил неопходен чекор

Наедно тој објаснува дека поради здравствено-економската криза, задолжувањето на државата бил неопходен чекор и дека со парите што се позајмени оваа година се исплаќаат платите на работниците, односно преку помошта од државата, и на тој начин се одржува економската активност. Наедно Гошев истакна дека сега Владата нема голем простор за понатамошен маневар, бидејќи претходната владејачка гарнитура значително го зголемила долгот.
– Прагот на задолженост на државата веќе беше висок и сегашната власт нема можности да се задолжуваат многу. Но токму со позајмените средства се исплаќаат платите. Задолжувањето беше неминовно, иако би можеле да дискутираме за искористувањето на средствата, но тоа е веќе друга тема. Кога ги анализираме долгови на граѓаните и на компаниите, мора да сме свесни дека задолженоста не е страшна и добро е што имаме раст и на кредитите и на депозитите, но притоа е потребно да растат и кредитите на населението и на компаниите – дополнува Гошев.

Битно е да има кредитна активност

Податоците што ги објавува Народната банка покажуваат дека на годишна основа најголем раст има кај станбените и потрошувачките кредити.
Сепак, поранешниот гувернер Љубе Трпески уверува дека во Македонија задолженоста сѐ уште е на ниско ниво и дека и понатаму има простор за раст на кредитите.
– Добро е кога растат и депозитите и кредитите, значи дека не е толку лоша економската состојба иако се наоѓаме во пандемија. Генерално ако растат парите за депозити и ако растат кредитите, тоа е добар показател. Кредитната активност е показател за економски раст и ние како земја сѐ уште имаме голем простор за раст на кредитите. Има еден коефициент што се нарекува коефициент на финансиска интермедијација, кој покажува колку кредити има на единица општествен производи. На пример, во Холандија тој коефициент е 400, додека во Македонија е 100, што укажува дека имаме уште голем простор за раст на кредитите – посочува Трпески.
Гувернерката на Народна банка, Анита Ангеловска-Бежоска, во обраќањето на 25-то годишно собрание на Здружението на финансиски пазари – АЦИ Македонија, истакна дека препораката за монетарната политика во глобални рамки е таа да остане релаксирана за да го поддржи економското закрепнување сѐ додека трае фазата на неизвесност, но и фазата во која пандемијата ќе биде ставена под контрола.
– И ние како централна банка ќе се водиме од ваквата препорака, ама водејќи сметка и за специфичноста на нашата монетарна стратегија и одржувајќи го девизниот курс како номинално сидро. Основната каматна стапка сѐ уште е во позитивна зона, а со тоа и маргината во однос на ЕЦБ останува позитивна.

Ризиците за глобалните финансиски текови сѐ уште се големи

Сепак, со оглед на спецификата на нашиот монетарен режим, јасно е дека за нас не важи нултата долна номинална граница и оттаму и дополнителниот простор не е неограничен. Ова се однесува и на емисијата на дополнителна ликвидност, која, секако, е алтернатива доколку е потребно, но до онаа точка до која тоа не би предизвикало притисок на девизниот пазар – нагласи Ангеловска-Бежоска.
Таа се осврна и на предизвиците поврзани со финансиските пазари во изминатиот период, како и на очекувањата за периодот што претстои.
– Неизвесноста и ризиците за глобалните економски текови, но и за глобалните финансиски пазари останува невообичаено висока, имајќи ја предвид неможноста да се предвиди траекторијата на здравствената криза. Оттаму останува потребата и ние како носители на политиките, а секако и вие како пазарни учесници, да бидеме внимателни при носењето на одлуките и соодветно да управуваме со предизвиците пред нас – порача гувернерката.