Распишан тендерот за фотоволтаици на државно земјиште

204

Основен план, еколошки елаборат и стотици илјади евра се потребни за да се изгради фотоволтаична централа од еден мегават на државно земјиште. Сите кои ќе конкурираат на тендерот за добивање државно земјиште за изградба на фотоволтаици од еден мегават ќе треба да обезбедат банкарска гаранција од 75.000 евра. Доколку ја добијат локацијата ќе треба да платат и комунална такса од 10.000 евра и приклучок на мрежата, кој ќе ги чини од 20.000 до 30.000 евра во зависност од локацијата, Македонски Брод или Свети Николе. Доколку на тендерот биде понудена најниската цена на премиумот од 0,01 евро, тогаш за инвеститорите се зголемува износот на пари при наддавањето. Инвестицијата е соодветно повисока за фотоволтаиците од 2,5 или 10 мегавати, колку што ќе бидат изградени на двете локации.

Овие пресметки беа презентирани на вчерашната конференција за тендерот за изградба на фотоволтаици на државно земјиште, кој е распишан од вчера, а ќе трае до средината на август.

– Нема скриени трошоци за овој тендер, ниту, пак, некој може да влијае на изборот на инвеститорите, бидејќи сите параметри се познати, а постапката е едноставна, јавна и транспарентна – објасни вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
Инвеститорите можат да конкурираат за три површини на локациите. Но оние кои конкурирале за површина од 10 мегавати моќност на фотоволтаичната централа, нема да можат да конкурираат за површина од еден мегават и обратно. Еден инвеститор може да конкурира за површина која овозможува моќност на фотоволтаичната централа од вкупно 17 мегавати.

Анѓушев нагласи дека главен критериум за добивање на некоја од локациите е понудата за премиумот, која инвеститорите ќе ја достават во апликацијата, а дозвола за изградба ќе добијат оние кои ќе понудат понизок премиум, односно ќе побараат пониска субвенција од државата. Максималниот баран премиум од државата изнесува 15 евра по мегават час произведена електрична енергија, додека минималниот што може еден инвеститор да го понуди е 0,01 евро.

– За да се задоволат потребите на сите инвеститори, парцелите на кои ќе се гради се поделени на разни големини. Земјиштето се доделува на 50 години, а комуналната такса, како што е договорено со општините, нема да биде повисока од 0,5 евро за квадратен метар. Владата, во име на инвеститорите, ги заврши и преговорите со операторот на дистрибутивната мрежа, при што е договорена атрактивна цена од 20-30 илјади евра по приклучок за секој инвеститор – вели Анѓушев.
Според него, овие инвестиции ќе бидат препознаени од банките и малите инвеститори ќе можат да конкурираат на овој тендер.

– Доколку сте компанија што знае што прави, банките тоа треба да го препознаат и со некое сопствено учество од 20 до 30 проценти може да отпочнете инвестиција, а преостанатиот дел да го земете како кредит – појаснува Анѓушев.