Работници и работодавци тешко се пронаоѓаат

206
Фото: Дарко Андоновски

Долготрајниот дисбаланс на пазарот на трудот веќе и директно се рефлектира врз економијата, поради што се поставува прашањето каде е грешката во системот: во евидентирањето, во образованието, во цената на трудот…

Во ситуација кога македонската економија со години има недостиг, не само од специјализиран кадар туку и воопшто од работна сила поради што огласите за вработување честопати се повторуваат или, пак, долг период се отворени, статистиките покажуваат дека во земјава има 168.180 невработени лица, или 17,5 отсто од вкупната работно способна популација. Долготрајниот дисбаланс на пазарот на трудот веќе и директно се рефлектира врз економијата, поради што се поставува прашањето каде е грешката во системот: во евидентирањето, во образованието, во цената на трудот…

Она на што во последно време сѐ погласно предупредуваат, како од државната Агенција за вработување така и од приватните агенции, е дека луѓето, иако со години се невработени, не сакаат да работат под секакви услови.

– Во последниов период имам впечаток дека немаме невработени лица. Едноставно луѓето не бараат работа, туку ние ги бараме нив. Се случува во последниве месеци да бараме општи работници за добри работни позиции, за солидни плати со платени придонеси и со сите бенефиции, а да не можеме да најдеме работници. Едноставно не сакаат да работат и без какви било причини ни велат „не, ви благодариме“. Иако се обидуваме да дознаеме дали причините се платите или, пак, другите услови, повратни информации не добиваме – вели Раде Ненадиќ, директор во агенцијата за привремени вработувања „Партнер“.

Тој истакнува дека во изминатите години платите биле главна причина за луѓето да одбиваат работни места, но додава дека денес платите се многу повисоки, слични на минималецот што сега се договара, но сепак работници не се наоѓаат.
– Повеќето од луѓето не одбиваат без да наведат причини, а честопати си кажуваат и дека некаде веќе работат за иста или повисока плата, но се непријавени, па чекаат вработување. Значи, не станува збор за вистински невработени лица. Последно што се соочив е да не можеме да најдеме работници за компанија што добро котира, која даваше солидни плати за општи сезонски работници, со пријавен стаж и други бенефиции. Притоа почнавме да бараме работници дури и од нивните домови, но не успеавме да собереме ниту половина од побаруваната бројка. Тоа ми сигнализира дека немаме невработени лица во земјава – посочува Ненадиќ.

Претставници на други агенции за вработување велат дека за одредени работни позиции се случува работното место да се пополни веднаш, но тоа се ретки ситуации. Посочуваат дека почесто се случува огласот да потрае и да биде потребно подолго време да се најде вистинскиот работник од купот пријавени кандидати, а додаваат и дека во последниве години е намален обемот на пријавени лица за отворен оглас.
Од друга страна, лицата што не се вработени велат дека се залудни обидите да се дојде до пристојна работа, и дека по многубројните фрустрирачки обиди и пријавувања на огласите, се откажуваат од потрагата.

– За жал, имам завршено само средно училиште, но тоа не значи дека не сум во состојба да работам. Пред првата бременост работев во фотостудија и по породилното отсуство, кое не ми беше покриено, бидејќи не бев вработена, повторно сакав да работам, но не се договорив со газдата бидејќи платата беше многу ниска. Низ годините се обидував да најдам работа на огласите, но во најголем број од случаите, никој не ми се јавуваше, а во одредени ситуации кога ќе ме повикаа, ми нудеа сосема друга работа од таа за која сум аплицирала – вели 40-годишна скопјанка, мајка на две деца.
Таа додава дека работа барала и преку Агенцијата за вработување, од каде што цело време ѝ биле нудени дури и наметнувани нивните проекти за самовработување со кои треба да започне одреден бизнис.
– Бидејќи немав идеја што да работам, не сакав да отворам фирма и се откажав од пријавување во Агенцијата како невработена. На огласи во последниве години уште потешко се пријавувам, бидејќи платите што ги нудат се премали, но и поради лошите претходни искуства – додава таа.

Уште една мајка на слична возраст истакнува дека со години не се пријавува на огласи бидејќи од искуството поминато на интервјуата за работа, увидела дека работодавците сакаат да најдат работник што е слободен да останува прекувремено на работа и дека најчесто бараат слободни девојки, а не мајки што ќе брзаат дома кај своите деца. Таа додава дека успевала да најде работа само по препорака од познати личности, но никогаш преку оглас.

Директорката на Агенцијата за вработување, Билјана Јовановска, објаснува дека посредувањето меѓу невработените и бизнис-секторот е една од најважните услуги што ги нуди агенцијата.
– Сакаме да ја унапредиме услугата преку тоа што нашите колеги непосредно ќе комуницираат со работодавците и стопанството. Наоѓањето соодветна квалификувана работна сила за потребите на работодавецот е нешто што е многу важно во овој момент и што е важно за целиот систем и за стопанството и за граѓаните воопшто – кажа Јовановска.

Токму на веб-страницата на АВРСМ секојдневно се објавуваат податоци колку слободни работни места има во државата, но и колку и каде се лоцирани невработените лица во земјава. Од нив може да се забележи дека најголем број на пријавени невработени граѓани има во главниот град. Дури 17.912 лица во Скопје бараат работа, додека, пак, веднаш зад него е градот Тетово со 12.726 невработени лица. Потоа следуваат Прилеп и Куманово со по над 6 илјади невработени лица. Иако има податоци за тоа со каква струка располагаат невработени лица, сепак, наоѓањето соодветно работно место за нив останува тешкотија.


Невработени по региони

Центри Број

Берово 1.265
Битола 4.583
Валандово 517
Велес 3.745
Виница 583
Гевгелија 895
Гостивар 6.466
Дебар 2.082
Делчево 1.132
Демир Хисар 730
Кавадарци 1.278
Кичево 2.771
Кочани 2.503
Кратово 558
Крива Паланка 2.420
Крушево 1.006
Куманово 11.958
Македонски Брод 1.257
Неготино 961
Охрид 2.592
Прилеп 6.857
Пробиштип 977
Радовиш 1.859
Ресен 1.304
Свети Николе 1.113
Скопје 17.912
Струга 2.829
Струмица 4.202
Тетово 12.726
Штип 2.465

Извор: АВРСМ

Фото: Дарко Андоновски