Работилница на НБРМ за управување со податоците за статистички потреби

199

Народната банка на Република Македонија, во соработка со експерти од Европската централна банка и Европскиот систем на централни банки, денеска организираше работилница на тема „Управување со податоците за статистички потреби на централните банки и доверливост на статистичките податоци“.

– Еден од стратешките приоритети на Народната банка на Република Македонија е постојано унапредување на квалитетот на статистиката преку примена на меѓународните статистички стандарди кои во посткризниот период ја нагласуваат потребата за обезбедување подетални, посеопфатни и пофреквентни  статистички податоци, притоа водејќи сметка за известувачкиот товар на економските субјекти, истакна гувернерката на НБРМ, Анита Ангеловска-Бежоска на отворањето на работилницата.

Од НБРМ соопштија дека првата сесија на работилницата била посветена на регулативата и практиките за обезбедување рационален пристап до статистичките податоци и за заштитата на нивната доверливост во еврозоната како целина, како и во одделни земји членки на Европската унија. Притоа, одделно внимание било посветено на соработката меѓу Генералниот директорат за статистика на ЕЦБ и статистичката служба на ЕУ – Евростат, како и меѓу ЕЦБ и централните банки на државите членки на ЕУ, во поглед на начинот и условите под кои се разменуваат податоците прибрани за статистички цели. Експерти од НБРМ, како и од Државниот завод за статистика и Министерството за финансии, во рамките на оваа сесија имале можност да проследат презентации преку кои, покрај европската регулатива и искуствата на ЕЦБ, биле презентирани и искуствата на централните банки на Луксембург и на Австрија.

Втората сесија била посветена на потребата од соодветно управување со податоците во современата организациска култура и третманот на податоците како исклучително вреден ресурс, со посебен осврт на стратегијата, организациската поставеност и практиките за управување со податоци на ЕЦБ. Одделно биле разгледани и сегашните и идните предизвици на ЕЦБ, во врска со различни процеси поврзани со обезбедување квалитет, соодветна архитектура, моделирање, чување, разменување и активно користење на податоците од страна на корисниците, при што акцентот бил ставен на специфичните потреби коишто произлегуваат од функциите на централните банки.

Во рамките и на двете сесии се водела плодна дискусија на која се отвориле прашања клучни за натамошните активности на НБРМ позврзани со остварувањето на нејзината определба и во областа на статистиката, редовно да ги следи најновите европски и меѓународни стандарди и практики, со што прави и големи чекори по патот кој води кон Европскиот систем на централни банки.

Во изминатиов период, НБРМ организираше низа семинари, работилници и предавања на актуелни теми од областа на статистиката. Оваа работилница која е и уште една потврда за успешната комуникација и соработка на НБРМ со ЕЦБ и ЕСЦБ е само еден од планираните настани посветени на статистика, со кои ќе се продолжи и во претстојниот период, информираат од НБРМ.