Работат за плата, но не и за пензија

415
Фото: Игор Бансколиев

Преку синдикални здружувања работниците ќе можат да се изборат за своите права, особено за правото да добиваат здравствено и пензиско осигурување

Преку синдикално здружување или со заедничка борба, со пишување претставки во трудовиот инспекторат, работниците треба да бараат исполнување на своите права. Високата невработеност и слабата синдикална организираност се предуслови за непочитување на работничките права. Многу од работниците во Македонија работат непријавени, односно без платени здравствени и пензиски придонеси, што е на штета на самиот работник, но и на државата. Иако состојбата се провлекува со години, сепак, колкав број работници се невработени не се знае точно.
– Точна бројка на работници во сивата економија е тешко да се каже, но не е воопшто наивна. Според процени на Министерството за економија, сивата економија зафаќа над 25 отсто од македонскиот домашен бруто-производ, а на удар се буџетот на Македонија и Фондот за пензиско и здравствено осигурување. Имаме одличен закон, кој е ригорозен доколку во фирма се фатат неосигурени работници, а казните се соодветни доколку работодавецот не го почитува законот – вели Кристина Ампева, претседателка на здружението „Гласен текстилец“.

Таа истакнува дека конкретно во текстилната, кожарската и чевларската индустрија, според информациите што ги добива секојдневно, сивата економија цвета. Освен што има неосигурени работници од различни причини, има и пензионери што продолжуваат да работат откако го стекнале правото на пензија.

– Не е грав да работат иако се во пензија, со оглед на фактот колку се високи пензиите, но овие пензионери добиваат пари на рака, и она што треба да оди во Фондот за здравствено и пензиско осигурување, оди во џебот на работодавецот. Исто така како кривично дело се смета дел од платата што се дава на рака. Наместо процентот за пензиско осигурување да биде повисок, а со тоа и пензијата – посочува Ампева.
Таа истакнува дека во нивното здружение честопати се сретнале со работници што се жалат дека се осигурени на половина работно време или дека се во работен однос со месеци, но работодавецот не ги евидентирал, па поради тоа немаат здравствено осигурување, иако истото тоа им е неопходно.

– Ги советуваме да пријават во трудов инспекторат со писмена претставка, сами да го направат тоа, бидејќи доколку не пријавиле, а во фирмата дојдат инспектори, би можеле да бидат казнети. Им појаснуваме дека работодавецот има лични бенефиции од тоа што им дава пари на рака, не ги пријавува, но дека тоа за нив како работници е од голема штета, особено за висината на пензијата. Секако и доколку имаат потреба од услуги преку Фондот за здравство истата таа нема да ја добијат – појаснува Ампева.
Претставничката на „Гласен текстилец“ истакна дека иако со години има феноменални акциски планови од Министерство за труд и социјална политика за намалување и формализирање на неформалната економија заедно со другите институции и министерства, но во практика, проблемот останува. Таа нагласи дека работата би можела да биде едноставна доколку се зголеми капацитетот на инспекторатот за труд, но неопходни се соработка и заеднички акции меѓу инспекторатот, УЈП и организациите како „Гласен текстилец“, кои работат на ова поле и ја знаат работата на терен.

– Согласни сме да ги искористат нашите капацитети и заедно да соработуваме за почитување на основните човекови и работнички права, но и за формализирање на сивата економија. Доколку се постапува непристрасно од инспекторите за труд при инспекциските контроли во фирмите, би имало ефект, но и би се стекнала довербата на работниците кон оваа институција. Работници посочуваат дека кога инспекторите доаѓаат неосигурените работници излегуваат или се кријат низ погони и канцеларии. Некаде има и успешни контроли, но претежно не ја знаеме разврската. Затоа сметам дека со заедничка работа би ја подобриле сегашната ситуација – додава Ампева.
Претставникот, пак, на Левица, Здравко Савевски, истакна дека во Македонија има голем број работници чии права не се почитуваат, и додава дека ваквите ситуации се создаваат бидејќи работниците се незаштитени и се согласуваат со секаква форма на работа, па дури и како непријавени, само да стигнат до плата.

– Работниците се очајни да најдат работа, а работодавците ги искористуваат состојбата и можностите и им фрлаат трошки на работниците, минимални плати, додека тие го јадат најголемиот дел од колачот. Има повеќе причини за оваа состојба, но најголемо влијание секако има големата невработеност, потоа неефикасните синдикати. Тука придонесува и фактот дека работниците се препуштени сами на себе, а Владата или властите не преземаат ништо за да го заштитат работникот. Поради овие причини денес имаме голем број работници што немаат здравствено и пензиско осигурување – истакна Савевски.

Според него, промена на долг рок не може да очекуваме ако работниците не почнат да се штитат самите себеси. Ова особено важи за поголемите компании, каде што вработените преку синдикални здружувања, било да се официјални или неофицијални синдикати, ќе можат да се изборат за своите права, особено за правото да добиваат здравствено и пензиско осигурување. Тој додава дека е најбитно работниците да имаат заеднички настап.

– Во Македонија голем проблем е самиот менталитет. Чекаме други да ни го решат проблемот. Но од друга страна, треба да се има на ум дека поставеноста на државата е на страната на работодавецот. Време е по толку години работниците да се самоорганизираат, оти ако се немоќни како поединци, како поголем група ќе бидат повлијателни и ќе мора да се чуе и нивниот глас – истакнува Савевски.